Новото пензионерско катче идеално за дружба помеѓу пензионерите од Пехчево

Над илјада пензионери од Пехчево повеќе од три месеци го користат новото пензионерско катче кое ја замени некогашната стара противпожарна зграда и прерасна во пријатно место каде пензионерите заеднички ќе можат да се дружат и спокојно да ги поминат пензионерските години.

Како што информираше претседателот на здружението на пензионери од Пехчево Борис Зарински пензионерскиот дом е реновиран со заедничка поддршка на општината.

-Ни помага во одредени работи општината. И тие имаат удел во реновирањето на пензионерскиот дом кој порано беше стара противпожарна зграда, а сега е катче кое располага со сала, канцеларија, тоалети и се друго што е потребно за едно здружение на пензионери како нашето, истакна Зарински.

Најчесто како што велат самите пензионери катчето се користи за играње повеќе друштвени игри меѓу кои карти, шах и табла, а тука се пие и првото кафе.

-Пензионерите играат карти и табла, кафенце да се напијат и тоа е тоа, вели пензионерот Јован Секуловски.

Пензионерот Трајче Андоновски додава дека дружењето помеѓу пензионерите е одлично. Катчето како што додава е еден вид собиралиште за самите нив и е многу убаво реновирано.

Во однос на пандемијата која не дозволува многу дружба меѓу самите пензионерите, како што додаваат, секој си има одбран партнер за игра, на тој начин штитејки се од коронавирусот.

-Играме само тие што се познаваме и да сме сигурни дека немаме коронавирус меѓу себе, додаваат пензионери од Пехчево.

Коронавирусот сепак го спречи здружението на пензионери од Пехчево годинава да реализира дел од планираните активности. Иако имаа зацртано реализирање на повеќе екскурзии, спортски натпревари и настапите на фолклорната група, сепак поради состојбата со пандемијата ваквите акитвности изостанаа.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*