Дека љубовта кон својот поранешен клуб и фудбалерите кои во моментот го претставуваат, нема граница, покажува примерот на двајца иселеници кои со свои пријатели обезбедија парична помош за поддршка на делчевскиот третолигаш ФК ,,Брегалница”.
Паричната помош преточена во набавка на опрема за фудбалерите е од огромно значење, а гестот сам по себе е доказ дека Брегалница била и отсекогаш ќе биде во срцето на секој пној кој бил дел од клубот.
-Донацијата на нашите поранешни фудбалери кои во моментот живеат и работат во странство и изразија желба да му помогнат на клубот се донации од сопствен џеб. Клубот доби тренерки, маски и фудбалски топки што ќе биде добредојдено за самите фудбалери. Самиот гест на овие наши поранешни игралчи многу ни значи на сите поради што ветуваме дека ќе се оддолжиме на терен, истакнаа од клубот.
Паралелно исто така на иницијатива на иселеници кои се вљубеници во клубот од Делчево, во тек е акција за собирање средства кои ќе и помогнат на екипата за влез во Втората лига.
-Во моментот сме први во ова натпреварување и доколку до крајот на првенството успееме да биде највисоко на табелата обезбедуваме сигурен влез во повисок ранг на натпреварување. Заради тоа секоја парична помош во рамки на акцијата која се одвива онлајн, ќе ни биде добредојдена, како за успешно завршување на сезоната, така и за нашите понатамошни предизвици, додадоа од клубот.
Линк за донации: https://www.gofundme.com/f/pfc-bregalnica-delchevo?utm_source=facebook
Во меѓувреме фудбалерите од Делчево подготвени го дочекуваат тимот на Раклиш, кој во рамки на 9.коло од Третата фудбалска лига на Македонија, утре, 6 декември 2020 со почеток од 13:00 часот гостува во Делчево.

Leave a Reply