Започна реконструкцијата на кровот на помошните простории во црквата „Св.Пророк Илија“ во Македонска Каменица. Активноста се реализира на иницијатива на иселеникот во Америка, Лимонка Васевска која претходно за таа намена организираше онлајн хуманитарна акција. Главниот мотив за реализирање на акцијата, како што истакна Васевска е изградба на помошни простории во кои ќе живеат дел од свештениците.
-Целта ни е да се обнови кровот на црквата и да се изградат живеалишта за свештениците, кои моментално живеат под кирија. Им се заблагодарувам на сите кои учествуваа во денешното раскривање на кровот на старите простории. Исто така благодарност и до спонзорите со градежни материјали, како и до сите кои донираа ова место да се реновира. Ова е време кога народот се оддалечи од црквата, а главниот мотив е барем малку да помогнеме на лицата кои секогаш се тука за народот, рече Васевска.
За отец Мартин, ова е голем чин на хуманост кој треба да продолжи и во други форми.
-Пред се нека е со среќа, бидејки се почна со реновирање на овој објект, во кој треба да живеат двајца свештеници. Им благодарам на сите што помогнаа и порачувам хуманоста нека продолжи, не само овде, нека продолжи и кај оние што немаат воопшто ништо, истакна Отец Мартин.
Црквата Св.Илија е една од најстарите цркви во М.Каменица. Порано како што додаде каменичанецот Живко Чиплаковски овде се врешеле сите христијански црковни обреди.
-Црквата постои од 1878 година, прва црква во градот е, во неа се вршеа крштевки, венчавки и погреби. Стари се просториите каде се извршуваат обреди и се кубуреше со средства во смисла на кујнски прибор. Иако просторијата е понова од црквата, се гледа да се направи да биде реновирана. Сите хумани луѓе, сите добронамерни луѓе кои веруваат во христијанството нека помогнат, ако не можат со финансии, нека помогнат со работа бидејки и тоа е помош, истакна Чиплаковски.
Според предвиденото откако ќе бидат рекоснруирани помошните простории во црквата со помош на донации ќе се направат напори и за реконструкција на камбанаријата како и на внатрешноста во самата црква.
Leave a Reply