Во Делчево започна реализацијата на проектот „Обележување и изработка на различни информативни и едукативни содржани за природните реткости Стамер, Ѕвегор и Киселичка Пештера“. За таа цел, како што информираа од Општината за гореспоменатите природни реткости во Опшина Делчево, во тек се неколку заштитно-промотивни мерки.
-Во рамки на проектот предвидено е поставување на информативни табли со основни податоци за вредностите на палеонтолошкиот локалитет Стамер, геолошкиот профил Ѕвегор и Киселичка Пештера кои се заштитени области. Истотака предвидено е поставување на 4 мали едукативни табли на локалитетот Стамер каде се откриени карактеристични наоди од пикерминска фауна (жирафа, носорог, коњ со три прсти и мастадон) и 3 на геолошкиот профил Ѕвегор, информираа од Општината.
Освен тоа како што додадоа, ќе бидат поставени и патокази кон локалитетите Стамер и Ѕвегор.
–Во тие рамки предвидено е уредување место за одмор кај локалитетот Стамер и уредување едукативна патека согласно со наодите од теренот. Изработката на трофеј на глава од жирафа, којашто е белег на локалитетот Стамер во природна големина и копии од пронајдените фосили од жирафа се исто така дел од заштитно-промотивните мерки, додадоа од Општината.
Проектот го спроведуваат Македонското еколошко друштво (МЕД) во партнерство со Општина Делчево и се реализира во рамките на втората фаза од Програмата за зачувување на природата во Македонија, преку компонентата за подобрување на статусот на природните вредности во Брегалничкиот регион.
Leave a Reply