Неговата ,,екселенција сатира” Миле Ѓорѓијоски денес го слави својот 64 роденден. По тој повод неговата колешка Ленче Стоименова од Кочани објави мини албум со негови карикатури насловен ,,Безобразно голем”. Еве што таа кажа за еден од најпознатите сатиричари во Македонија, на Балканот и пошироко.
БЕЗОБРАЗНО ГОЛЕМ
Наголемо со големиот
Ако не беше толку голем, зарем ќе ти беше името толку познато? Ако не беше толку голем, зарем ќе те познаваа надвор од границите на нашата држава? Ако не беше толку голем, зарем ќе напишеше толкав број на афоризми, книги и преводи? Ако не беше толку голем, зарем ќе добиеше толкав број на дипломи и признанија? Ако не беше толку голем, зарем ќе беше еден од жири-комисиите? Ако не беше толку голем, зарем ќе имаше толкав број пријатели? Ако не беше толку голем, зарем ќе беше нечија инспирација за цртање? Ако не беше толку голем, се прашувам што ли ќе беше? Знам, ќе најдеше пат и начин пак да станеш голем.

Понекогаш можеби ќе ни се пристори дека таков си роден пријателе, голем, или пак таква ти е кармата. Што и да е од ова, убаво ти стои.
Ти го посветувам овој мини албум-карикатури, нацртан грижливо и со внимание како подарок за твојот 64 роденден, значаен зашто ќе поминеш една етапа и ќе влезеш во сосема нова, нова етапа од играта наречена живот. Убаво ќе ти стои и друштвото на пензионери. Поистоветувајќи го големото со тебе, најискрено ти посакувам и пензијата да ти биде голема и да ја земаш и користиш најмалку уште толку години како бројката на овој роденден.

Kако главен лик на 32 карикатури, во разни згоди и незгоди, обични, секојдневни, еротски…се обидов да раскажам еден живот на уметник. Кога велам уметник таа нишка е разнобојна: афоризми, песни, драма, сатира, скечеви, детски афоризми или „афоризмичиња“. Одамна се занимавам со карикатура, а не се малку години откако самиот влета пред моливот од кој нема спас. Сакав ова да биде изненадување, да те „стаписа“ исто онака како што тоа ти им го правиш на другите, блиските – оние што ти значат. Време е да почувствуваш како се поднесува еден тон адреналин. Со чиста намера пријателе, па ти мисли му ја!

Ќе завршам со мудрата мисла на Шинг Шионг: „На крајот нема да биде важно колку пати длабоко сте воздивнале, туку колку моменти ви го одзеле здивот“. Нека ова што го држиш во моментот во раце, биде еден од нив.
Среќен роденден драг наш пријателе Миле Ѓорѓијоски и нека е со среќа пензионирањето.
Leave a Reply