Поради обилните врнежи од дожд изминативе денови зголемен е водостојот на река Брегалница и нејзините притоки и постои опасност од нивно излевање од мини коритото. Во таа насока, Општина Делчево со известување до граѓаните од безбедносни причини да избегнуваат движење покрај реките, потоците и каналите со вода, но и да преземат соодветни мерки за заштита на нивниот имот од евентуални поплави.
-Претставниците на месните и урбаните заедници, постојано да ја следат состојбата и да ги информираат надлежните служби, а доколку има потреба од интервенција со машини и луѓе, да пријават на дежурните телефони објавени на општинската веб-страница, информираа од Општината.
Во меѓувреме екипи од Општина Делчево вршат увид на критичните точки во урбаниот дел и руралниот дел од градот, при што е констатирано дека во урбаниот дел засега нема излевање на реката Брегалница.
-Согласно со Оперативниот план за заштита од поплави на подрачјето на Општина Делчево анимирани се екипите на ТППЕ Делчево, како и ЈКП „Брегалница“, а се преземаат и потребни мерки за заштита од евентуално излевање на реките од нивното корито. Критични точки во урбана средина се градскиот базен, крајот на улицата „8 Септември“, гумената брана и мостот на улица „Индустриска“, додадоа од Општината.
Општина Делчево уште еднаш ги потсети возачите дека сè уште е во сила забраната за движење на тешки товарни возила преку мостот на улица „Индустриска“ во Делчево.
Leave a Reply