Малолетници и лица без дозвола незаконски ловат на ловиштата во делчевско!

Отсуството на ред и дисциплина за време на ловната сезона во делчевско ја загрозува сигурноста на дел од ловџиите од овој крај, кои обвинуваат за масовен лов со учество на малолетници и возрасни лица без поседување дозвола за оружје. Ваквата појава како што вели претставник на ловџиите Голупчо Стоименовски ја окарактеризира целата ловната сезона во делчевско, појава која според него во текот на ловната сезона била забележлива на повеќе места во овој крај.

-Во нашиот крај оваа појава е масовна, во габровско, во месноста Буката, во село Град, во Разловци тоа е опасна работа. Не пожелувам на никој, но може ако се продолжи вака, може да се случи истото како што се случи во Западна Македонија. Овде секој заметнал пушка и оди по месо. Тоа веќе не е спорт, тоа е клисарска работа, вели Стоименовски.

Додава дека реагирале до Ловното друштво „Острец“, од каде биле известени дека е поднесено барање до надлежните да се превземе нешто во врска со случајот.

-Јас како ловџија ми е страв да излезам на лов, од сите страни сите носат пушки, секој ден одат малолетници и возрасни, кои од каде наоѓаат пушка и јас не знам, додава Стоименовски.

Од Ловното друштво „Острец“ потврдија дека се запознаени со проблемот, но како што додаваат, совеста кај дел од ловџиите е на многу ниско ниво.

-Повеќето за кои имаме дојава дека вршат незаконски лов се опоменати, но многу е тешко на терен да ги фатиш со друга пушка или пушка од дедо или чичко. Точно е и тоа дека татковци водат деца на лов и им даваат пушка во рака. Од наша страна за проблемот е доставен допис до надлежните од Гранична полиција, од каде очекуваме во рамки на нивната надлежност, да бидат преземени мерки против сторителите на ваквите појави, истакнаа од Ловното друштво „Острец“ Делчево.

Ловната сезона која завршува на крајот на јануари, според делчевските ловџии може да се окарактеризира како успешна, но како што додаваат, она што ќе остане да „боде“ очи годинава е отсуството на ред и дисциплина.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*