Младите од Делчево ќе добијат нов скејт-парк. Скејт паркот како што информираат од Општината ќе се гради во населбата СРЦ, во непосредна близина на градската спортска сала во Делчево. За изградбата на скејт-паркот веќе е објавена отворена постапка за јавна набавка на услуги, постапка која предвидува и изградба на две фонтани во централното градско подрачје.
-Општина Делчево објави поедноставена отворена постапка за јавна набавка на услуги „Проектирање скејт парк и две фонтани“. Локациите на двете фонтани се предвидени во централното градско подрачје и тоа, едната фонтана пред споменикот на паднатите борци, а втората во градскиот парк пред летната сцена. Локацијата за скејт-паркот е во населбата СРЦ во непосредна близина на градската спортска сала. За реализација на набавката се обезбедени средства од општинскиот буџет за 2021 година во висина од 1 милион денари без вклучен ДДВ, информираа од Општината.
Додадоа дека крајниот рок за изработка на проектите е 45 работни дена за двата проекта, при што при бодувањето на понудите, 70 бода ќе носи цената, а 30 бода квалитетот.
-Цената ќе се добие на е-аукција, а проектите мора да содржат неколку фази за архитектура, статика, електрика и водовод и канализација. Постапките ќе се водат преку системот е- градежна дозвола. Деталните информации се опфатени во проектните задачи кои се дел од тендерската документација, додадоа од Општината.
Електронско отварање на понудите е предвидено за 09 февруари 2021 година, а од општината за подетални информации заинтересираните ги упатија да ја посетат општинската веб-страница.
Leave a Reply