Делчевската библиотека со конкурс за поезија и проза ќе го одбележи Светскиот ден на мајчиниот јазик

По повод „21 февруари – Светскиот ден на мајчиниот јазик“, Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево распиша јавен конкурс за поезија и проза на тема „Јазикот е мојата татковина“. Конкурсот како што информираше директорката Биљана Петровска ќе се реализира во соработка со општинските воспитно-образовни установи.

-Право на учество на конкурсот имаат сите ученици од прво до деветто одделение. Секако тоа ќе го реализираме заедно со наставниците по македонски јазик од двете основни училишта во Делчево. Ова нека биде јавна покана до сите ученици, доколку го сакаат убавиот пишан збор и сакаат да творат, да напишаат творба проза или поезија и да ја испратат до библиотеката по пошта на ул. „Светозар Марковиќ“ бр. 1, или да ја проследат до своите наставници по македонски јазик, рече Петровска.

Најдобрите три творби и поезија и проза како што додаде директорката ќе бидат наградени на 21 февруари кога библиотеката ќе го одбележи Светскиот ден на мајчиниот јазик.

Во меѓувреме во библиотеката во тек е пописот на книжниот фонд. Според последниот попис од 2016 година, делчевската библиотека располага со вкупно 47.461 книга.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*