Злато, сребро и две бронзи е новиот успех на кик-боксинг клубот „Ас“ од Делчево. На Државното првенство кое вчера се одржа во Скопје, младите кик боксери од овој клуб, освоија 4 медали, кои како што истакна тренерот Љупчо Стојчевски се доста значајни, бидејки доаѓаат во период, кога поради пандемијата тренинзите се сведени на минимум.
-Во услови на пандемија кога спортската сала е затворена од оправдани причини, Кик боксинг клубот „АС“ од Делчево, тренира во ООУ „Св.Климент Охридски“ каде нашите спортисти индивидуално се подготвуваа. И покрај недоволната подготвеност, на Државното првенство кое на 21 февруари 2021 година се одржа во Скопје, освоивме 1 златен, 1 сребрен и 2 бронзени медали, што е голем успех за нашиот клуб, рече Стојчевски.
Како што додаде, медали освоиле Павел Стојчевски, Дилан Ивановски, Андреј Митков и дебитантот Марија Николовска.
-Златен медал освои нашиот натпреварувач Павел Стојчевски, кој настапи во категоријата постар кадет во дисциплина кик лајт (-52кг). Со сребрен медал се закити Дилан Ивановски, кој се натпреваруваше во категорија јуниор, дисциплина кик-лајт (+47 кг), додека двата бронзени медали се за Андреј Митков, категорија помлад кадет, дисциплина кик-лајт (-32кг) и Марија Николовска (дебитант), категорија помлад кадет, дисциплина кик-лајт (+47), додаде Стојчевски.
Тренерот на кик-боксинг клубот АС, Љупчо Стојчевски на Државното првенство ја имаше и улогата на шеф на судиите на борилиште (татами) бр. 3.
Честитки до нашите млади спортисти, на кои им посакуваме уште поблескави успеси во иднина.









Leave a Reply