Доделени решенијата за парична поддршка на општинските стипендисти

Во Делчево доделени решенијата на корисниците на средношколски и студентски стипендии за учебната и студиската 2020/2021 година. Годинава, општината додели 24, од предвидените 28 стипендии, од кои 18 стипендии се за средношколци и 6 стипендии за студенти кои ги исполниле условите согласно со предвидените критериуми. 

Градоначалникот Горан Трајковски, кој им ги врачи решенијата на средношколците и студентите истакна дека интенција на Општината е да се стимулираат младите за поголеми успеси во образованието. 

-Во оваа прилика, им порачувам на учениците и студентите дека треба да се вложуваат и да постигнуваат резултати во образованиот процес, да се натпреваруваат со знаења, бидејќи тоа ќе ги изгради како личности во животот. Посебно што овој период се соочуваме со новини во образовниот процес наметнати од пандемијата, далечинско учење, се јавуваат и технички проблеми во наставниот процес, но сето тоа не треба да биде препрека за учениците кои сакаат да постигнуваат успеси, туку напротив предизвик, рече Трајковски.  

Додаде дека бројот на предвидени стипендии согласно со програмата е зголемен во последниве три години години, а зголемен е и износот на стипендиите по одредени категории.    

-Како општина го следиме успехот на учениците и, освен овие стипендии, доделуваме и три стипендии на првенците на генерацијата во трите училишта, а Општина Делчево доделува и наградно патување низ Европа на 10-те најдобри матуранти од гимназијата  „М.М.Брицо“. За оваа намена сме издвоиле вкупно 760.000 денари, од општинскиот буџет, а од септември 2020 година, воведена е нова мерка и исплаќаме по 3000 денари на првачињата кои ќе се запишат во делчевските училишта, додаде Трајковски.     

За учениците и студентите ваквиот начин на стимулирање е поттик за што подобри лични резултати.

-Сакам да изразам благoдарсност за оваа поддршка, која за мене значи поттик за постигнување поголеми успеси, со што секако придонесуваме за претставување на општината во поубаво светло, рече студентката Мартина Георгиевска.

-Сум задоволна од стимулот, за да продолжиме со понатамошни успеси, рече ученичката Лора Велевска.

-Стипендијата ми дава мотивација да продолжиме со учество на повеќе натпревари и да освојуваме повеќе награди, истакна средношколецот Антониј Цонев.

Стипендиите ќе се исплаќаат за период од 9 месеци, а износот на ученичките стипендии во двете категории е 1000 денари, односно 1.500 денари, додека  студентските стипендии во една категорија се во износ од  3.500 денари.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*