
Периодична работа во странство, се уште го крепи животот во делчевското село Град. Горан Анастасов, жител на селото вели дека бројот на млади луѓе во селото од ден на ден се намалува. За преживување и самиот како што вели неколку месеци во годината заминува на привремена печалба во западно-европските земји. Селото во моментот како што дополни брои повеќе од 200 жители, од кои повеќето се ергени кои имаат потреба од вработување за сопствена егзистенција.
-Во селото повеќето се по странство, нема веќе млади, нема егзистенција. Останаа над 150-200 жители, ама повеќето се неженети, бараат работа за да можат да опстанат. Жителите кои се овде, во главно се занимаваат со овоштарство и земјоделие, но слабо има народ, нема пари, сиромаштија е. Јас периодично работам, по 2,3 месеци во странство, па пак си доаѓам и така преживуваме. Среќа што синот оди на работа, инаку тешко е да се бориме за опстанок, истакна Анастасов.

За барем малку да се олесни животот на оние кои останале во селото, во тек се активности за подобрување на патната инфраструктура. Анастасов додаде дека во тој поглед се реконструира и селската чешма, а се градат и неколку улички, кои наскоро ќе бидат асфалтирани.
Во тој поглед Анастасов изрази задоволство што некој се сетил по 40 години да направи нешто за жителите.
-Сакаме да ја санираме чешмата имавме проблеми со некои спојки. Ние, 3,4 луѓе од селото се собравме заедно со работниците да направиме нешто да ископаме, да ја реновираме чешмата. Во однос на уличките, во моментот како што е планот, ако се направи се како што е замислено, ќе сме благодарни што после 30,40 години се прави нешто за жителите, додава Анастасов.

Градежните активности за изградба на неколку крака од улиците во село Град, како што додаде градоначалникот на општината Горан Трајковски ќе финишираат деновиве. Додаде дека освен во село Град ќе се градат улици и во останатите селски населби.

-Крај на февруари е, се отпочна со градежните работи, со инфраструктурните работи продолжуваме интенизвно за да се завршат овие улички во село Град. Општината за оваа година има изготвено 29 проекти за 29 улички кои ќе се градат на територијата на општина Делчево, рече Трајковски.

Со реализирањето на овие активности од општината очекуваат над 90 посто да бидат решени проблемите со инфраструктурата во селските населби.
Leave a Reply