
Во Делчево одржан координативен состанок за утврдување на приоритетите и насоките за начинот на функционирање на работа на првиот Младински Хаб во Делчево.
Родне Деолска од Регионалниот центар за застапување кој го реализира проектот информираше дека активноста е дел од проектот Бизнис развој на млади преку социјално претприемништво во чии рамки ќе се формира младински центар, кој ќе биде збирно место на младите за развивање на своите идеи и иницијативи.
-Регионалниот центар за застапување ќе биде тука да ја изрази поддршката за младите во човечки ресурси со техничка опрема, со цел да им се помогне во развивањето, реализирањето и финансирањето на нивните идеи. За таа цел денес имавме координативен состанок со претставници на локалните институции од Делчево, а потоа ќе следуваат состаноци и со младите и експертите, по што од сите тие заклучоци ќе направиме акциски план, како понатаму ќе функционира овој Младински Хаб, рече Деолска.

Во рамки на проектот насловен „Бизнис развој на млади преку социјално претприемништво“, додаде дека се предвидени повеќе активности.
-Меѓу другото ќе имаме Камп за млади лица, на кој камп ќе ги развијат своите лидерски способности и вештини од други области. Исто така предвидена е кампања за подигање на јавната свест, потоа Саем за презентирање на бизнис идеите кои ќе произлезат од тој Младински Хаб. Генерално целта е да се поттикнат младите да пројават интерес во одредени области, особено во социјалното претприемништво, што долгорочно за нас и целата општина би било добро, во насока на поттик на локалниот економски развој како и задржување на младите овде, додаде Деолска.
Проектот „Бизнис развој на млади преку социјално претприемништво“ е финансиран од Амбасадата на САД во Скопје и ќе се имплементира до месец ноември 2021 година.
Leave a Reply