Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на водите, во Делчево доделени наградите од ликовниот конкурс кој Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ го организираше во рамки на големиот проектот „Подобрување на водоснабдувањето во Делчево“.
Темата на ликовниот конкурс е “Штедиме и прeчистуваме вода – потребна ни е за во иднина“ и на истиот како што информираше директорот на претпријатието Стојче Стојковски, учествуваа повеќе ликовни твордби од кои најдобрите беа наградени.
-По повод „22 Март – Светски ден на водите“, ЈКП „Брегалница“ од Делчево објави ликовен конкурс на кој зедоа учество ученици од основните училишта во Делчево. Оваа активност е со цел презентација и промоција на целта на зачувување на природата и на водата како ресурс и во насока на подобрување на водоснабдувањето во Делчево и запознавање на граѓаните со проектот кој се одвива во нашето комунално претпријатие. Во оваа пригода им се забладгодарувам на сите ученици и нивните ментори, а на сите правни субјекти на кои дејност е водоснабдувањето им го честитам Денот на водите, рече Стојковски.

Наградените ученици истакнаа дека водата е ресурс кој треба да се штеди, но и да се внимава да не се загадува природата.

-Смислата на мојот цртеж на овој конкурс беше дека во иднина можеби ќе немаме вода и затоа треба да ја штедиме, истакна првонаградената Мелани Јовановска.
-Мојот цртеж е со тема како водата е важна и треба да ја чуваме, рече второнаградениот ученик Ања Николовска.
-Јас нацртав како Водата е многу важен природен дел од нашиот живот кој треба да го чуваме и да внимаваме како се однесуваме во природата, нема да фрламе отпадоци и ќе внимаваме како се однесувае надвор, додаде третонаградениот ученик Ања Димитровска.
Директорот Стојковски кој на ученичките им додели смарт часовници, дополни дека како дел од проектот „Водоснабдување на Делчево“ во тек е тендерирање по што ќе почнат активности за изградба на пречистителна станица во село Тработивиште.
-Во оваа прва фаза тендерската постапка е при крај, предвидено е изградба на Пречистителна станица во село Тработивиште и бунари за водоснабдување во село Тработивиште и Делчево. Во втората фаза во делот кој е финансиран од Владата се чека да биде распишан тендер за поврзување на селата Габрово и Звегор на водоснабдителниот систем, додаде Стојковски.
Во соработка со регионалните јавни комунални претпријатија ликовниот конкурс кој е финансиран од Швајцарската агенција заразвој и соработка се реализираше и во општините Кочани, Виница, Берово и Пехчево.
Leave a Reply