Фудбалските третолигаши од источната конкуренција утре ги продолжуваат натпреварите од 13 коло, кое минатата недела беше одложено поради обилниот снег која ја зафати државата. Дербито на колото се игра во Берово каде силите ќе ги одмерат екипите на Малеш и Детонит. Претседателот на ОФК „Малеш“, Новица Печински очекува добра фудбалска претстава која поради мерките за заштита од Ковид-19 ќе се игра пред празни трибини.
-Утре ќе се доигра 13 коло кое не се одигра минатата недела. Очекуваме тежок натпревар, ни доаѓа конкурент која има амбиции за влез во Втора лига. Сакам да истакнам дека фудбалерите се доста подготвени има добра атмосфера во соблекувалната, исто така на теренот и само да им посакам среќа на двете екипи и нека победи подобриот, вели Печински.
Иако на фудбалерите им недостига публиката, Печински се надева дека во блиска иднина ќе бидат отворени вратите на трибините на стадионите.

-Можеме да жалиме што нема да биде дозволено публика, но пред се здравјето на фудбалерите е на прво место, но спортот мора да продолжи, екипата да се натпреварува така што очекуваме од следната сезона повторно да има публика, додаде Печински.
ОФК „Малеш“ е еден од поорганизираните клубови на крајниот Исток. Со средства од Општината клубот обезбеди доволно пари за доигрување на сезоната во Третата фудбалска лига Исток во која во моментот се помеѓу петте први екипи кои ја бараат својата шанса за влез во Втората фудбалска лига – Исток.
Во рамки на 13 коло утре на градскиот стадион „Гоце Делчев“, лидерот Брегалница во Делчево ја пречекува екипата на Василево.
Leave a Reply