
Делчевската гимназија започнува со реализација на три капитални проекти во насока на подобро одвивање на воспитно-образовниот процес. Директорот на гимназијата, Љупчо Прачковски пред градоначалникот Горан Трајковски кој ја посети гимназијата, ги презентираше предизвици со кои се соочува Средното општинско училиште „М.М.Брицо“ и предвидените проекти кои ќе значат обезбедувањето посовремени услови за одвивање на наставата во училиштето.
-Училиштето има изработено проект за реконструкција на ученичките санитарни чворови кои немале целосна реконструкција од отворањето на училиштето, како и комплетна реконструкција на подот на училиштето и негова замена со поквалитетен под кој ќе овозможи подобри услови за одржување на хигиената во училиштето. Двата проекти се доста значајни за училиштето, бидејќи тоа ќе биде прва нивна реконструкција од изградбата на училиштето во 1961 година Овие два проекти ќе се аплицираат на повик од МОН. Исто така, во агендата за оваа година се планира и реконструкција на малата сала во конгресна сала во гимназијата. Овој проект ќе го инвестира училиштето од сопствени средства, рече Прачковски.
Освен за инфраструктурните зафати Прачковски додаде дека прироритет на гимназијата ќе биде матурскиот испит и мотивацијата на учениците за стручните насоки како дел од приемот за новата учебна година.
-Училиштето има потпишано меморандум за соработка со фирми од областа на текстилството и прехранбената индустрија што веруваме дека е добра основа со стручни лица од фирмите да се реализира поквалитетна практична настава. Воедно и најавата од МОН за стипендирање ученици кои се запишуваат во стручно образование, мислам дека ќе го зголемат интересот за упис во стручните паралелки, истакна Прачковски.

Градоначалникот Трајковски изрази задоволство од реализацијата на онлајн наставата во делчевската гимназија, како и од планираните инфраструктурни проекти во училиштето.
-Ме радува фактот што училиштата во Делчево, го користат овој период кога нема физичко присуство на ученици на наставата, да реализираат инфраструктурни проекти кои ќе значат подобри и посовремени услови за одвивање на наставата. Воедно, Општина Делчево ќе помогне во секој сегмент за континуиран и квалитетен воспитно-наставен процес во СОУ „М.М.Брицо“, истакна Трајковски.
Предвидените активности во гимназијата започнуваат во месец април и се очекува да бидат завршени пред почетокот на следната учебна година.
Leave a Reply