Светскиот ден на здравјето во Делчево се одбележува во знакот на зголемениот број случаи и вакцинацијата против Ковид-19

Одбележувањето на Светскиот ден на здравјето во Делчево поминува во знакот на зголемениот број случаи со Ковид-19 како и вакцинацијата на граѓаните од старосните групи. Директорката на делчевскиот здравствен дом Марија Глигоровска истакна дека иако во изминатите години по повод значајниот датум се организирале семинари, предавања и други активности, во последните две години се е подредено на ковид-пандемијата.

-Секоја година по повод Денот на здравството имаме голем број на активнсоти но овие две години помина во знакот на корона, минатата година немавме никакви манифестации, исто како и годинава. Она на што сме фокусирани е зголемениот број случаи кои во Делчево се регистрирани како тешки случаи, што практичн означи дека се повторува оној бран од пред три-четири недели. Пациентите постојано се во болниците во Штип, Скопје, кои за жал се полни и со наши пациенти, вели Глигоровска. 

Во однос на вакцинацијата директорката на делчевскиот здравствен дом додаде дека во Делчево вакцинирањето во Делчево и М.Каменица ќе заврши заклучно со четврток.

-До четврток ќе вакцинираме, закажани ни се пациентите со тоа што засега ќе вакцинираме толку колку што имавме слободни термини за пациенти над 77 години. Имаме доволно персонал, матичните лекари навреме се договорија како ќе ги закажат пациентите, така да немаме никаков проблем во однос на вакцинирањето, додаде Глигоровска.

Граѓаните кои ги затекнавме за време на вакцинацијата се чувствуваа добро и апелираа и останатите да го сторат тоа.

-Јас сум 90 години, роден 1931 година, само таа година примив вакцина. Порано се чувствувавме здрави и не стававме вакцини против грип. Понекогап пијам енап имам проблеми со притисок инаку е ок, вели еден од вакцинираните граѓани.

По повод Светскиот ден на здравјето, градоначалникот Горан Трајковски денеска го посети пунктот каде се одвива вакцинацијата против ковид 19 во Здравствениот дом „Гоце Делчев“ при што донираше заштитни маски и визери за вработените здравствени работници на пунктот. Честитајќи го Светскиот ден на здравјето, 7 Април, денот посветен на подигање на свеста за здравјето, градоначалникот Трајковски изрази задоволство од текот на вакцинирање во Делчево и одзивот на граѓаните за вакцинација против ковид-19.

-Вакцината е единствен начин да се победи коронавирусот и во таа смисла ме радува фактот што во Делчево вакцинацијата се одвива без проблеми и досега се вакцинирани над 120 повозрасни наши сограѓани и што граѓаните го препознаа значењето на имунизацијата како основна алка во борбата со оваа пандемија, рече Трајковски.

Одговорниот лекар специјалист Рилка Антовска потврди дека вакцинацијата со Астразенека наменета за возрасните категории граѓани се одвива без проблеми и дека граѓаните се јавуваат на договорените термини.

Градоначалникот Трајковски, воедно, изрази јавна благодарност до сите здравствени работници за нивниот труд и пожртвуваност во борбата за здравјето на секој поединец.

-Овој ден, кога се одбележува Светскиот ден на здравјето, изразуваме благодарност на здравствените работници за нивниот труд и пожртвуваност во борбата за нашето здравје и е уште еден повод да го свртиме нашето внимание кон улогата и значењето на здравствените работници кои втора година по ред, одбележувањето на овој ден се одвива во посебни, пандемиски услови, услови кога сите очи се вперени во здравствените работници кои на својот грб го носат целиот товар на борбата со коронавирусот. Тие се во првите борбени редови во борбата со невидливиот непријател и со надчовечки напори обезбедуваат третман и грижа за пациентите, при што го изложуваат своето здравје, здравјето на своите блиски, но и нивниот живот. Ова се хероите на нашето време, истакна Трајковски.

Светскиот ден на здравјето 7 Април, делчевскиот здравствен дом и здравствената станица во М.Каменица го дочекаа со комплетно реновирани внатрешните простории, активност која се реализираше со поддршка на Министерството за здравство. 

Во 1948 г. СЗО го одржала своето Прво собрание на кое е одлучено 7 април секоја година да се одбележува како ден на здравјето. Одбележувањето започнува во 1950 година на 7 април, кој се смета за ден кога е основана СЗО, а воедно е и прилика да се привлече меѓународно внимание на здравствените проблеми со кои се соочува светот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*