Усвоена одлука за доделување парична помош на семејството Белчовски

Советот на Општина Берово донесе одлука за доделување парична помош на семејството Белчовски кои ги донираа органите на својата ќерка Верче која трагично загина во сообраќајна несреќа.

Претседателот на Советот на општината Јован Матеничарски информираше дека средствата за ова семејство се обезбедени од општинскиот буџет.

-На барање на семејството Белчовски, денеска на седница на Совет од резервите на буџетот се одобрени 50 илјади денари. Дополнително градоначалникот ќе помогне со 50 илјади денари, така што вкупната сума, како поддршка за семејството Белчовски изнесува 100 илјади денари, рече Матеничарски.

Во рамки на седницата на Совет се дискутираше и за иницијативата за изградба на спомен обележје и именување на плоштадот во спомен на Верица Белчовска.

-Разгледана е иницијативата од страна на Советот и донесени се заклучоци кои ќе се испратат до надлежните одделенија урбанизам и комунални дејности, за да започне постапката и сакаме да помогнеме комплетно да се реализира оваа иницијатива, додаде Матеничарски.

Иницијативата за поставување спомен обележје и именување на центарот на Русиново во чест на Верче Белчовска ја покрена познатиот стопанственик Благој Механџиски и здружението Малеш Нет. 

Во меѓувреме деветнаесетгодишен пациент кој се лекува од малиген тумор на коска денес доби здраво коскено ткиво, кое беше експлантирано на 17 април од 20-годишната Верица Белчовска, соопшти Министерството за здравство. Белчовска почина по повеќе од десет дена во кома, откако беше прегазена на пешачки премин во Струмица.

Од Министерството велат дека на Клиниката за ортопедски болести предмалку завршила првата трансплантација на коска од починат дарител кај 19-годишен пациент, а операцијата траела пет часа.. Тимот хирурзи предводен од проф. д-р Милан Самарџиски и д-р Александар Трајановски ја завршил комплексната операција на замена на малигно променето коскено ткиво со здраво ткиво од починат донатор кај пациент кој се лекува од малиген тумор на коска, по претходно спроведена биопсија и хемотерапија.

„Ова е прв ваков тип на интервенција на замена на оштетено коскено ткиво со дониран алографт“, вели Министерството. Во тимот учествуваа и д-р Далип Јахја, д-р Милена Богојевска-Доксевска, д-р Александар Савески, д-р Резеарт Далипи како и васкуларниот хирург д-р Никола Граматниковски.

Експлантацијата на коскените ткива се случи на 17 април кога тимот хирурзи од Клиниката за ортопедија предводен од д-р Трајановски ја направи првата експлантација на коски и коскени ткива од починат донор. Сите експлантирани графтови беа микробиолошки тестирани и складирани за презервација на температура од -40 во Банката за коскени и меки ткива во склоп на Клиниката.

„Инаку коскените трансплантанти имаат огромен бенефит за пациентите и се користат кај оштетувања на скелетот предизвикани од бенигни и малигни тумори, состојби после трауми, последици од пропаднати ендопротези, вродени аномалии како и кај ред други заболувања кои прават оштетувања на скелетот“, додаваат од Министерството.

Белчовска беше донесена на Ургентниот центар на КАРИЛ со внатрешни крварења на мозокот при што е оперирана и по краткото лекување во интензивната нега и исклучување на седацијата, лекарите се посомневаа на мозочна смрт. Откако лекарите утврдија мозочна смрт, семејството се согласи да ги донира нејзините срце, бубрези и коскени ткива. Срцето на девојката му го продолжи животот на 22-годишниот Иле Стрезоски од тетовското село Брвеница, а останатите органи спасија уште најмалку десетина пациенти.

Два дена по операцијата на Стрезоски, министерот за здравство Венко Филипче кажа дека тој полека закрепнува на Клиниката за кардиохирургија, а пак семејството на дарителката Верица Белчовска ќе добие помош од Владата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*