Семејството Чејс од Америка донираше хуманитарни пакети за социјално загрозени семејства од Делчево

Во пресрет на Велигден и Рамазан Бајрам, во Делчево доделени 50 хуманитарни пакети за социјално загрозени семејства од христијанска и муслиманска вероисповед. Од црквата Успение на Пресвета Богородица информираа дека пакетите ќе бидат распределени на семејства кои живеат во социјален ризик.

-Пред се благодарност до нашата сограѓанка Марија и нејзиното семејство за големиот дар која се сетила во овие Велигденски денови. Во црквата се доставени вкупно 29 пакети кои ќе бидат доделени на социјално-загрозените семејства, истакна отец Ванчо Џаџовски.

Останатите пакети се доставени до џамискиот одбор при џамијата Мехмед Фатих II, чиј претседател Демир Јашаровски додаде дека хуманиот гест  е одличен поттик за сожителство за да не се дели народот по боја, нација и вера.

-Да изразиме благодарност за секоја хуманитарна помош, бидејки суштината на овој месец на Рамазан е да се покаже солидарноста, да се покаже дека се мисли на другиот и да се помогне на сиромашниот. Таа благодарност ја изразуваме преку оваа американска донација и многу сме им благодарни, сепак и тоа е еден поттик за сожителство и мир, истакна Јашаровски.

Хуманитарната помош се дистрибуираше со поддршка на Општина Делчево и вработени во маркети Кит-Го.

Претходно слична хуманитарна помош за христијански и муслимански семејства од социјален ризик од Делчево беше обезбедена и од страна на градоначалникот на Делчево кој својата априлска плата ја донираше во хуманитарни цели.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*