Продолжува негрижата на поединци за чистата животна средина во Делчевско

Продолжува негрижата за чистата животна средина во Делчевско. Најзагрозен по завршувањето на првомајските празнувања и годинава е локалитетот Балаклија, кој се „дави“ во купишта отпад составен од најлонски кеси, шишиња и чаши од пластика и картон, создавајки грда глетка околу манастирот „Св.Богородица Балаклија“ кој се наоѓа во близина.

Граѓаните кои го искористија денот и денес да одморат со семејството во убавините на овој предел, се запрепастени од она што го видоа, поради што порачаа сторителите да се вратат и да го вратат местото во првобитната состојба.

-Наместо да го празнуваме чесно достоинствено ние повеќе „беља“ правиме. Апел до сите посетители после моето присуство, вашето присуство, после сечие присуство местото да се врати во првобитната состојба, да се исчисти да покажеме на дело дека знаеме да ја зачуваме природата и околината, истакна Сашко Даневски жител на Делчево.

Делчевецот Ѓорѓи Цеков кој секојдневно врши испаша на својата стока во близина на комплексот, вели дека е сведок на секакви глетки овде кои не и носат добро на природата.

-Ако кажам се што сум видел овде, ќе биде многу лошо. Не треба да се исфлра ѓубре, шишиња. Хаос е и кај манастирот и погоре на другиот спореден пат. Не би требало тоа да се работи нека го соберат ѓубрето во кеси и нека го фрлат во контејнери. Ова е излетничкото место од овде поминуваат автомобили за Голак и глетката е лоша, вели Цеков.

Поради празникот Источен Петок, кој токму на ова место се одбележува секој прв петок по Велигден најавена е акција за расчистување на отпадот, но тоа според лицата одговорни за одржување не е долгорочно решение. Најдоброто решение според нив е отпадот да се собира во сопствени кеси и потоа да се фрли во сопствените канти за отпадоци.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*