Мицкоски: Граѓаните на истокот живеат мачно

Граѓаните на истокот живеат мачно, градоначалниците на СДСМ се гушат во криминал, а ВМРО-ДПМНЕ на локалните ќе излезе со вистински решенија за што е можно повеќе инвестиции. Оваа порака денес од Делчево ја упати претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој како што кажа присуството во Малешевијата и Пијанец, во Делчево, Берово и Пехчево ќе го искористи да разговара со граѓаните за нивните вистински и реални потребни, а не за како што рече онаа розева слика којашто владата на СДСМ и Зоран Заев се обидуваат преку своите медиуми да им ја презентираат на граѓаните.  

-Да зборуваме за онаа вистинска реалност која граѓаните ја чувствуваат и која што ја живеат. Она коешто денеска го видов на пазарот и она коешто успеав да го расприкажам со пазарџиите е тешкиот и мачен живот, маката којашто натежнала, слабиот промет, се помалку купувачи, бидејќи народот од овој крај се иселува масовно. Сретнав неколкумина кои што ми кажаа дека денеска или утре ќе  ги полнат автобусите и заминуваат во Италија, Германија. Навистина тешка слика и далеку од она кое што беше говорено за време на предизборието од страна на СДСМ и Зоран Заев, но и од страна на градоначалниците кои овде во истокот пустошат и се гушат во криминал и корупција. Така да една лоша слика, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ на следните избори како што додаде претседателот на партијата, ќе излезе со јасен план и јасна стратегија како да го врати вистински животот во истокот на Македонија

-Да успее што повеќе нашинци да ги одврати од желбата да ги напуштат родните домови, затоа што каменот тежи тука, како што кажа еден соговорник на пазарот. Да инвестираме што е можно повеќе, да отвориме што е можно повеќе добро платени работни места, младите да останат тука затоа што тие се богатството на Македонија и богатството на истокот. Така што учиме заедно со граѓаните и разговараме, а врз основа на тоа што го учиме сакаме и да создадеме програма која нашите градоначалници во следниот четиригодишен мандат после победата на локалните избори ќе го исполнат и ќе покажат дека можело поинаку и дека не се сите исти, додаде Христијан Мицкоски.

Денешниот ден во Делчево според најавеното претседателот на ВМРО ДПМНЕ имаше најавено средба со младите како и посета на приватна компанија во Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*