Потпишан договорот за изградба на новата Пречистителна станица во делчевското село Тработивиште

 Во Делчево потпишан договорот за изградба на новата Пречистителна станица во село Тработивиште како дел од големиот инфраструктурен проект „Водоснабдување на Делчево“, за решавање на проблемот со квалитетот на водата за пиење во Делчево.

Ханс Улман, претставник на швајцарската фирма „Фела планунгс АГ“ која ќе ја гради пречистителната станица за вода за пиење, од реализацијата на проектот очекува подобрување на квалитетот на водата за пиење и порача да не се злоупотребува водата која досега добро е третирана.

-Главната компонента на проектот е да се подобри квалитетот на водата, преку неколку чекори на филтрација со земање на водата од браната Лошана и двата чекори за филтрација со песок и активен јаглен како и хлорирање и дезинфекција. Исто така ќе бидат вградени нови пумпи во Делчево и Тработивиште преку систем кој Јавното комунално претпријатие ,,Брегалница” ќе може да го менаџира правилно, се со цел обезбедување и следење на квалитетот на водта за пиење, рече Улман.

Со отпочнување на градежните работи од овој проект кој започна пред 3,5 години, како што додаде градоначалникот на Делчево Горан Трајковски, започнува реализацијата на најголемиот финансиски и суштествен проект за граѓаните кој според него е најголем проект во историјата на Делчево. 

-Нема поубав момент за еден градоначалник да се почне со реализација еден ваков огромен проект, со кој се обезбедува чиста вода за пиење за генерации и генерации наши сограѓани. Изразувам огромна благодарност до Швајцарската конфедерација за нивната донација. Огромна благодарност до претставниците на швајцарската амбасада во нашата земја, за нивната вклученост и придонес во овој проект, огромна благодарност до Владата предводена од Зоран Заев за учството за инвестицијата од 1,3 милиони швајцарски франци во овој проект и бенефитот кој ќе го имаат и сегашните, но и идните генерации граѓани на Делчево, рече Трајковски. 

На тендерот за најповолен понудувач како што информираше директорот на Јавното комунално претпијатие Стојче Стојковски се пријавиле две фирми, при што за најповолен понудувач била избрана Швајцарската ,,Фела планунгс АГ”.

-Оваа фирма после преговорите ги прифати најголемиот дел од предвидените работи со тендерот, така што со овој договор ќе бидат  изградени Пречистителната станица, оперативната зграда, ќе бидат заменети вентилите на постоечката брана Лошана, како и воздушните вентили на доводот. Се надеваме дека резервоарот Чука исто така ќе влезе како дел од проектот, но неговата изградба ќе зависи од одлуката на Секо. Меѓу повеќето активности ќе бидр опфатена и рехабилитација на резервоарот над село Ѕвегор, рече Стојковски.

Проектот „Водоснабдување на Делчево“ се реализира со донација од Швајцарската Конфедерација во висина од 6 милиони швајцарски франци, приближно 1,3 милиони швајцарски франци се домашна контрибуција на Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*