На граничниот премин Станке Лисичково – Делчево стартуваше вакцинацијата на пријавените граѓани од пограничниот регион

На граничниот премин Станке Лисичково – Делчево стартуваше вакцинацијата на пријавените граѓани од пограничниот регион, кои изразија желба да примат вакцина на новоотворениот вакцинален пункт за таа намена. Како што истакнаа граѓани кои го посетија пунктот, медицински екипи веќе вршат вакцинација за граѓаните кои претходно имаат закажан термин, додека останатите ги оставаат своите податоци, по што дополнително ќе бидат известени за времето кога ќе бидат вакцинирани.

-Има луѓе од цела Македонија, а закажувањето е со име и презиме и телефонски број за понатамошен контакт. Значи за оние кои имаат закажано вакцинацијата почна, останатите кои сега се пријавивме, ќе чекаме телефонски да ни се јават. Притоа ни беше кажано дека вакцинирањето ќе биде со вакцината Фајзер, рече Кирчо Михајловски од Делчево кој денес го посети вакциналниот пункт на граничниот премин Станке Лисичково – Делчево. 

На преминот кај Делчево беа забележливи автомобили со скопски регистерски таблички, како и регистерски таблици од Источна Македонија. Дел од нив потврдија дека ја примиле вакцината, додека дел дека се регистрирани и дека чекаат термин кога ќе можат да го направат тоа. Дел од граѓаните кои заради свои лични обврски се затекнаа на граничниот премин ја одобруваат идејата за ваквиот начин на вакцинација на граничниот пункт.

-Не е лоша идејата, нека се вакцинираат луѓето и во Македонија и во Бугарија, за да помине овој грип, додадоа граѓани.

За почетокот на вакцинацијата потврда добивме и од граничните служби кои не дозволија фотографирање на самиот пункт. Според извори на МИА од 19 мај до 21 мај на граничниот премин Златарево – Ново Село ќе биде отворен таканаречен зелен коридор, на кој граѓаните ќе се вакцинираат без закажување, додека за граничниот премин Делчево – Станке Лисичково засега не е утврден датум за зелен коридор. Вакцинацијата се реализира на иницијатива на Медицинскиот центар ,,Комак Медикал” на д-р Милен Врбевски во соработка со повеќе министерства и Царинската агенција.

Повеќе информации за текот на вакцинирањето тамошните надлежни најавија во текот на утрешниот ден.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*