Во Делчево и Берово доделени прехранбени и хигиенски пакети како дел од иницијативата „Банка за храна“

Во Делчево доделени прехранбени и хигиенски пакети како дел од иницијативата на организацијата Банка за храна која ја шири пораката против фрлање храна. Претставникот на оваа организација Душко Христов информираше дека во рамки на иницијативата досега се поделени 1600 пакети во 20 градови во државата.

-Денеска сме во Делчево, каде имаме активности во рамки на ЕВЗСС проектот поддржан од Европската Унија. Во рамки на овој проект се откажавме од конференции, семинари и трибини и решивме да етаблираме над 1600 прехранбени пакети и хигиенски средства за толку семејства во 20 општини во Македонија. Денеска е петти ден по ред од оваа акција, претходно бевме во Берово, еве сега и во Делчево, утре сме во Дебар, така што оваа акција продолжува до крајот на месецот, рече Христов.

Тони Стоименовски од Регионалниот центар за застапување од Делчево преку кој се реализираше акцијата, информираше дека списокот на лица кои ќе добијат помош претходно е изготвен во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјални работи.

-Во овој момент сакам да искажам благодарност до вработените во Центарот за социјални работи што ни излегоа во пресрет да ги регистрираме граѓаните на кои навистина им е потребна оваа помош. Денес обезбедивме 80 пакети за ранливите категории граѓани од Делечво, донатор е Банката за храна, а средствата се обезбедени од делегацијата на ЕУ во Македонија, додаде Стоименовски.

Благојчо Ѓоргиевски кој е лице во социјален ризик изрази задоволство од севкупната помош која годинава им се дава на ранливите категории граѓани.

-Мислам дека е доволно таа помош, вака ако се продолжи додека помине короната ќе биде одлично, рече Ѓорѓиевски.

Досега на територијата на општина Делчево како дел од соработката помеѓу Банката за храна и Регионалниот центар зазастапување се поделени вкупно 180 хуманитарни пакети за лица од социјален ризик.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*