Подарок стручна литература од ЈЛБ „Илинден“за најдобрите 10 матуранти од Делчево

Со подарок стручна литература по избор, делчевската библиотека „Илинден“ ги награди најдобрите 10  матуранти од Делчево. Како што информираше директорката на библиотеката Биљана Петровска, целта е да им се помогне на идните академски граѓани, при полагањето испити на факултетите кои самите ќе ги одберат.

-Сите наградени матуранти се членови во библиотеката, а затоа што имаме избор на стручна литература, одлучивме на сите да им подариме стручна литература по нивни избор од различна област, во зависност од тоа што ќе студираат. Сакаме овој наш подарок еден ден да им послужи при полагање на испит. Од име на сите вработени во ЈЛБ „Илинден” на сите матуранти им посакуваме многу успеси, светла иднина и им порачуваме да не попуштат пред животните предизвици и да останат свои, рече Петровска.

Милена Начовска која е ученик на генерацијата своето образование ќе го продолжи на Медицинскиот факултет поради што за подарок доби стручна литература од оваа област.

-Благодарност до библиотеката за овој гест кој ни значи многу на сите матуранти. Оваа литература и тоа како ќе ни помогне во нашите понатамошни предизвици, конкретно во мојот случај при запишувањето на Медицинскиот факултет од кој планирам да бидам дел, рече Начовска.

Покрај наградите од делчевската библиотека, годинава најдобрите матуранти од Општината ќе добијат и парична награда, додека ученикот на генерацијата како награда ќе добие општинска стипендија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*