Под мотото „Делчево го чествува аманетот“ во Разловци одбележани 145 години од Разловечкото востание

Под мотото „Делчево го чествува аманетот“ во делчевското село Разловци денес се организираше свечена манифестација по повод 145 години од Разловечкото востание. Разловечкото востание, како што истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска која присуствуваше на настанот има посебно значење за македонскиот народ, бидејки со него започнува организираната борба против неправдата, угнетувањето и теророт врз македонскиот народ за време на петвековното османлиско ропство.

-Извојувана слобода траеше едвај 10 дена и заврши крваво, но пораката која востанието  ја испрати кај македонскиот народ е многу силна. Нашата историја е полна со вакви херојски дела кои му даваат смисла и цел на нашето постоење. Токму заради непоколебливоста на нашиот народ и нескрчливоста на неговиот дух, денес имаме слободна, независна и современа држава која одлучно чекори кон големото европско семејство, земја полноправна членка на најмоќниот воено-политички сојуз НАТО, рече Шахпаска пред Разловчани.

Во своето обраќање, градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски истакна дека за славното Разловци во 1876 година, секогаш се зборува со посебен пиетет но, треба да се зборува и вложува и за сегашноста и за иднината, при тоа изразувајќи благодарност за поддршката од Владата на РСМ за реализацијата на клучни проекти во ова село кои значат подобар квалитет на животот на жителите на најодалеченото село во делчевската општина. 

– Изминатиов период решававме децениски проблеми во ова село. Градевме патна инфраструктура, го решававме проблемот со недостигот на вода, проблемот со наводнувањето, со комуналниот отпад. Наскоро ќе започнат градежни активности за изградба на локалниот пат Делчево-Тработивиште, со што ова село добива нова патна алтернатива. Свесен сум дека има уште работа во селото, но, верувам дека со посветена работа и наредниот период ќе продолжиме да ги затвораме и другите отворени прашања и ќе одговараме на потребите на граѓаните, рече Трајковски.

На настанот кој традиционално, беше организиран во дворот на црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ во селото Разловци, присуствуваше и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски кој изрази задоволство што паралелно отпочнува проектот за реконструкција на кровот на Спомен домот на Разловечкото востание.

-Не постои поголема радост на денешен ден да започне и реконструкцијата на оваа зграда направена од нашиот славен архитект Ѓорѓи Константиновски кој почина минатата година така што еве на некој начин ова е еден вид почит на неговото дело. По долгогодишната запоставеност за започнуваме реконструкцијата на ова здание. Очекуваме за 150 годишнината на Разловечкото востание да го имаме целиот дом реконструирано во неговата целосна смисла затоа што има неверојатна целовитост и е еден вид современа реплика и креација на автентичната архитектура која во голема мера е овде зачувана, рече Алаѓозовски.

Во чест на 145-годишнината од Востанието, делегација од Владата на РСМ, Општина Делчево, претставници од Советот, претставници на институции, политички партии и здруженија на граѓани, положија свежо цвеќе и се поклонија пред спомен-обележјето на поп Стојан, еден од организаторите на Востанието поставено на влезот на црквата „Св.цар Константин и царица Елена“ во селото Разловци. Поради пандемијата и протоколите за заштита од ковид 19, во рамките на програмата настапија Пејачката група од Здружението на пензионери од Делчево и ученици од ПУ „Св.Климент Охридски од Разловци.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*