Склучен договор со оператор за заловување на кучињата скитници во Делчево

Се решава проблемот со масовната појава на кучиња скитници во Делчево. Преку склучување договор со Општина Делчево, како фирма која понуди најповолна цена на Јавната набавка, Ветеринарната станица „Здравје“ како избран економски оператор во наредните 12 месеци ќе врши шинтерски услуги и хуман третман на кучиња скитници на подрачјето на Општина Делчево.

Согласно со Договорот, економскиот оператор е должен да врши шинтерски услуги за фаќање и хуман третман на кучиња скитници на подрачјето наОпштина Делчево и заловените бездомни кучиња привремено да ги смести во прифатилиште, каде кучињата треба да се кастрираат, односно ојаловат, обележат, здравствено да се третираат, да се изврши превентивна здравствена заштита и тест за социјализација согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство.

Ветеринарната станица „Здравје“ има сопствено прифатилиште каде треба да обезбеди ветеринарна заштита за животните. Прифатилиштето е одобрено од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство со услови утврдени согласно Законот за заштита и благосостојба на животните и Правилникот за техничките услови за прифатилиштата, условите за чување на животните во прифатилиштата, постапките за еутаназија, начинот на водење на евиденција и начинот на вршење на надзор, формата и содржината на регистарот и начинот на регистрација, како и информациите потребни за регистрација.

Бездомните кучиња треба да бидат трајно обележани со чип и ушна маркица.  Договорот е со времетраење од една година, а паричните средства предвидени во Јавната набавка се во висина од 354.000 денари со пресметан ДДВ.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*