Семејството Ивановски од село Дулица со години „мака мачи“ да обезбеди пивка вода за пиење!

Семејството Ивановски е едно од ретките во Осоговието, кое се уште се занимава со одгледување овци. Моментално над 200 овци им ја носат егзистенцијата во едно од најоддалечените села во каменичко, селото Дулица. Оддалеченоста на Ивановски им е еден од најголемите проблеми, бидејки се оневозможени да се поврзат на постоечкиот систем за вода, поради што долги години мака мачат со обезбедувањето вода за пиење и основни хигиенски потреби како и за нивните овци. Не можејки веќе да ја издржат голготата и тешкотиите кои ги носи овој горлив проблем, тие побараа да се изнајде начин да им се помогне во обидот за негово решавање.

-Ниту има пат, ниту има вода овде на овој рид, овци чуваме, вода со цистерна носиме, тешко е, вели Санде Ивановски.

Неговата сопруга Невенка како што самата вели, водата за основни потреби заедно со снаата Ерика ја носат дури од Виничко.

-Вода немаме, ја носиме на раменици и за пиење и таа за миење и за стоката. Со снааата одиме со магарето и од Виница на рамења носиме вода, е таква вода да ти „одмилее“. Порачуваме одговорните да дојдат да видат каква вода пиеме, ако можат да се напијат воопшто од неа, вели Невенка Ивановска.

Здравко Ивановски како млад земјоделец вели дека изостанува и поддршката за луѓето како него. Тој освен обезбедувањето пивка вода побара да се направи патот и апелираше повеќе да им се помага на младите земјоделци.

-Јас сум млад земјоделец, чувам овци, а на овците треба со цистерна вода да донесам. И не само на овците и за перење и за миење и за пиење, се носиме со тракторот и магарето. Затоа треба на нас младите земјоделци да ни се направи пат, да ни се обезбеди вода, затоа што ја нема.  Јас никакви финансии немам од никаде и затоа апелирам како млади земјоделци повеќе да не поддржуваат, вели Здравко.

Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова вели дека знае за проблемот на ова семејство. Истиот  како што истакна датира од времето кога се градел селски водовод во Дулица на кој поради оддалеченоста, ова семејство не било приклучено.

-Нивниот проблем може индивидуално да се разгледа на кој начин би бил решен. Во општината се поднесува барање, по кое по одлука на Совет до 30 проценти од средствата потребни обезбедува општината. Како второ решение во Програмата за поддршка на земјоделието и руралниот развој во мерката 124, постои повик кој набрзо ќе биде активен. Преку мерката за редовни плаќачи на пасишта на апликантите им се доделува водопоила или црева. На Ивановски им препорачувам да се информриаат во подрачната канцеларија кога ќе биде активна мерката за да можат да аплицираат, за да им се доделат потребните материјали, рече Стаменкова.

Мерката за поддршка на редовните плаќаќи на пасишта како што дополни Стаменкова е предвидена да стартува во септември годинава, по што семејството Ивановски доколку ги исполнува условите ќе може да аплицира и потоа да очекува до крајот на годината нивниот проблем да биде решен.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*