Амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј во работна посета на М.Каменица

Во работна посета на Македонска Каменица денес престојуваше Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото кралство во РС Македонија. На средбата како што информираше градоначалничката Соња Стаменкова, се разговараше за повеќе актуелни теми кои се однесуваат на функционирањето на локалната заедница, справувањето со Ковид кризата, добрата соработка со компанијата Рудник Саса и идната визија за подобар развој на Општината.

-Разговаравме и за тековните инвестиции и инфраструктурни проекти, она што е сработено и визијата за понатамошно функционирање на општината. Потоа ја опфативме темата за родово одговорно буџетирање и начинот и визијата на кој ќе се развива општината во однос на Зелената агенда. Ја допревме и темата на енергетската ефикасност и справувањето со отпадот, при што ја брифиравме амбасадорката до кој стадиум сме со овие проекти. Неодминлива беше и темата за понатамошниот развој во однос на туризмот, каде потенциравме дека особено не радуваат новите најави за забрзан развој на Осоговието, истакна Стаменкова.

Стаменкова изрази голема благодарност за поддршката од страна на Обединетото Кралство на патот на РС Македонија кон НАТО и ЕУ и воедно ја покани Галовеј да присуствува на одбележувањето на јубилејот „25 години постоење – Општина М.Каменица“.

Британската амбасадорка изрази задоволство од она што го прави општината за подобрување на животот преку инфраструктурата и други различни проекти и изрази особен интерес за Зелената агенда за која како што рече Обединетото Кралство е многу заинтересирано преку стратешкото планирање во таа наскока во овој дел од државата.

-Се надевам ќе се вратам кога проектите од Зелената агенда ќе бидат завршени како што е Паркот „Младост“ кој звучи како мошне возбудлив проект за Општината. Во рамки на посетата ќе имам средба и со претставници на Рудник Саса за да видам што тие прават во таа насока, при што потенциравме дека ќе гледаме напред кон иднината за инвестирање и подобра трговска размена помеѓу двете земји, рече Галовеј.

Тоа што во Македонска Каменица жените се наоѓаат на влијателни раководни позиции За Галовеј е доказ дека жените од оваа општина се мошне успешни. 

-Мислам дека е добро да се живее во градот каде жените се мошне успешни, особено во спортот каде имаат победнички тим во кошарка, фудбал и така натаму така што жените овде имаат можност да бидат што сакаат, додаде Галовеј.

На новинарско прашање што македонските општини треб да направат за да го достигнат потребното ниво на децентрализација на општините споредбено со искуството во Англија Галовеј прецизираше дека зајакнувањето на капацитетите во институциите е на прво место во тој поглед.

-Мислам дека тоа што веќе се работи за зајакнување на буџетите во однос на инфраструктурата, во однос на менаџирање на кризи, сами по себе општините е на добар пат во однос на децентрализацијата. Повеќе треба да се работи на зајакнување на капацитите и носење и имање на појаки капацитети во самите општини, додаде Галовеј

Посетата во М.Каменица, Галовеј ја продолжува со неформална работна средба и посета на неколку институции во градот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*