Изградбата на нов водовод насушна потреба за жителите на село Ѕвегор

Изградбата на нов водовод за жителите на делчевското село Ѕвегор е насушна потреба која ја чекаат повеќе од 30 години. Како што информираше Ване Стоиловски тоа што повеќе жители имаат сопствени бунари засега е единствен спас од кризата со вода. Потенцираше дека за реализирање на оваа активност потребно е реновирање на водоводот долж целата некогашна изградена линија.

-Моментално во Ѕвегор ни треба водовод да се изгради, оти од 1990 година досега го градат сите. Според моја математика за тоа време ќе го изградеа од овде до Русија. Треба целата линија да се реновира од резервоарот со поставување реновирање шахти и водомери. Досега околу 30 проценти од населението на сопствен трошок имаат ископано бунари за да се снабдат со вода. Исто така дождот многу влијае, ако не заврне немаме вода. Една недела ако нема дожд, имаме криза за вода, вели Стоиловски.

Доколку се реновира постоечкиот резервоар како што додава ќе има вода и за населбата Звегорска Река. 

-Тоа што немаме вода влијае и на иселениците кои тука инвестираат, но зошто прават и што ќе прават понатаму без вода не знаеме. Она што е добро во целата ситуација е што имаме канализација која е поврзана, тоа е средено. Од останатото што мислиме дека треба да се направи во селото е да се направат уште  пет-шест улици, а ако се направи водоводот кој е планиран ќе имаме вода и за населбата Ѕвегорска Река, додава Стоиловски.

Моментално делчевското село Ѕвегор брои од 600 до 800 жители. Мал број луѓе чуваат се уште стока, а повеќето како што посочи Стоиловски егзистираат од работа во текстилните фабрики.

-Има 5,6 луѓе што чуваат 5,6 крави и еден човек има што чува малку повеќе. Повеќето одат на работа во текстилните фабрики. Најголем проблем за луѓето е што земаат ниски плати, а овдешниот животот може да се подобри само да ја зголемат платата на луѓето, а не да одат за 8, 10 или 12 илјади денари на работа. Најмногу ми е жал кога гледам како со комбиња во недела доаѓаат да ги земат да одат на работа. Не се гледа дали е верски празник или државен празник, луѓето овде не знаат што е празник, не можат еден ручек фамилијарно да направат во недела, бидејки работат и во недела, додава 50 годишниот Ѕвегорец.

Она што ги исполнува Ѕвегорци е традицијата наречена Сурова, на која Стоиловски учествува уште од дете. Поради пандемијата годинава карневалот Ѕвегорска Сурова имаше симболичен карактер, а неговите очекувања се догодина настанот да биде помасовен.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*