Во Пехчево успешно реализирана акцијата „Едно капаче, една надеж“

Во Пехчево успешно завршена акцијата „Едно капаче, една надеж. Акцијата се реализираше на иницијатива на Организацијата на жени од Пехчево од каде информираат дека во рамки на истата собрани се над 300 килограми пластични капачиња, при што е обезбедена електрична количка за млад жител на оваа општина.  

-Во оваа акција поттикната од нашата  организација учествуваа жителите на општина Пехчево, учениците и вработените од ООУ ,,Ванчо Китанов“, вработени во неколку фирми, меѓу кои најактивни беа вработените во ДИК Фагус и СинотТип. Акцијата заврши успешно, бидејки со донација од Пакомак, обезбедена е електрична количка за млад жител на Пехчево, истакнаа од Организацијата на жени во Пехчево. 

За тоа колкаво е значењето на оваа акција, од ОЖП го напоменаа младиот Давор Поповски кој наскоро ќе наполни 7 години, а започнал со собирање на капачињата од негова 3 годишна возраст. 

-Оваа акција е од огромно значење и за подигање на еколошката свест поради што упатуваме огромна благодарност до сите кои помогнаа во таа насока, а особено голема благодарност до Пакомак, додадоа од пехчевската организација на жени.

Информираа дека според законот за социјална заштита и правилникот за ортопедски помагала, моментално за некој да добие ортопедско помагало т.е количка, мора да е студент или вработен, заради што како организација ќе покренат иницијатива тоа да се смени.

Со вакви и слични акции кои имаат за цел да придонесат за општо добро во заедницата, од ОЖП најавија дека ќе продолжат и во наредниот период.

Во продолжение неколку фотографии кои ни ги прати професорката Магдалена Поповска од Пехчево:

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*