Промовирано партерното уредување на Црнодолските водопади кај Равна Река

Во работна посета на Општина Пехчево денес престојуваше Министерот за локална самоуправа Горан Милевски кој заеднички со градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчовски ја посетија туристичката населба Равна Река, каде неодамна заврши проектот за партерно уредување Црнодолскиот водопад. Милевски изрази задоволство од реализираните активности преку кои се подобрува туристичката понуда во Малешевијата. 

-Денеска сме во општина Пехчево да го промовираме ова партерно уредување на Црнодолските водопади. Вистина е дека оваа туристичка атракција која што не била достапна за граѓаните или тешко достапна, сега ј уредивме со патека од 850 метри со видиковци, со клупи за одмор, со тоа што овозможивме да има  многу пристап до туристите, рече Милевски. 

Милевски воедно информираше дека заедно со градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, министерството денес склучи договорот во висина од 4 милиони денари за осветлување на патеките на Беровското езеро. 

-Целосно се посветуваме на развојот на туризмот во овој регион, бидејќи само тоа може да го  истакне регионот, да донесе многу туристи и да ја подобри економската состојба во регионот. Мене ми е мило што Берово и Пехчево нудат заедничка понуда за туристите и само така заеднички здружени можеме да настапиме и да дадеме една поквалитетна понуда за да туристите ги задржиме повеќе во овој регион, додаде Милевски.

Министерството за локална самоуправа како што дополни и во иднина ќе ги поддржува ваквите проекти.
Проектот за партерно уредување на Црнодолските водопади опфаќа низа содржини кои според пехчевскиот градоначалник Драган Тренчовски значат зголемување на понудата за туристите кои го посетуваат ова место. 

-Како што можете да забележите и на самите водопади навистина има голем број на содржини како што се уредување на патеката во должина од 870 метри, имаме изградено 10 мостови, имаме изградено четири викендици, имаме видиковци, имаме изградено дополнително платформа пред самиот водопад што претставува дополнителен стимул и ефект на сите оние коишто ќе го посетат водопадот да имаат можност да се фотографираат пред самиот водопад. Навистина убеден сум дека и во иднина ќе продолжиме со исти такви активности за развој на туризмот кој е моментално еден голем потенцијал за нашата општина, а се разбира и за нашиот регион, рече Тренчовски. 

Проектот се реализира преку националниот буџет на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, додека дел од средства се обезбедени од локалната самоуправа преку Програмата за Источнопланскиот регион за 2020 година кој во тие рамки реализираше Регионални форуми во заедницата и притоа овој проект беше одбран како еден од приоритетните за реализација. 

-Мене ми е задоволство да кажам дека за првпат кога Источниот плански регион започна со спроведување на регионални форуми на заедницата овој проект беше нотиран меѓу првите пет проекти и на задоволство и на општина Пехчево  подготвивме техничка документација. Проектот се исфинансира така што не е залудно учеството на целокупното население во идентификување на приоритетите. Задоволство е огромно што се заврши проекти и уште поголемо задоволство е што има позитивни коментари и придонесовме во промоцијата на овој убав пехчевски водопад, рече Зуица Ангеловска од Центарот за развој на Источно-планскиот регион.

Информираше дека во наредниот период како дел од акциониот план предвидено е и уредување на спортско рекреативни терени на Равна Река, за што е спремена апликација, општината има изготвена техничка документација од страна по што се очекува финансирање на проектот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*