Заврши реализацијата на проектот за доградба и реконструкција на Третата ламела во старскиот дом д-р „Иван Влашки“ во Берово

Заврши реализацијата на проектот за доградба и реконструкција на старскиот дом д-р Иван Влашки кој ги прошири своите капацитети. Активностите се реализираа во рамки на развојните цели на Центарот за развој на источно-планскиот регион,  Министерството за локална самоуправа, Швајцарската Агенција за развој и соработка како и Општината Берово кои  инвестираа над 7 милиони денари додека доопремувањето се реализираше од страна на Министерство за труд и социјална политика.

Со доградбата на Третата ламела во установата како што истакна заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитревски обезбедено е згрижување на 10 нови корисници, како и вработување на 7 нови лица, додека установата доби новореконструирана зграда со површина од 180 метри квадратни, обезбедени 5 нови соби и 10 нови легла или вкупно 20 соби и 39 легла во Домот. 

– Со ова покажавме дека ние како Влада со поддршката од нашите пријатели Швајцарската агенција за развој и соработка се грижиме и за најстарите, со градење на дополнителни капацитети на старечките домови, кои што ќе ги користат генерациите кои што цел живот работеле за нас, рече заменик министерот Димитревски. 
Министерството за труд и социјална политика дополнително во овој проект учествува преку Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица, со набавка, испорака и монтажа на опрема во вредност од 1. 328.491,00 денари. 

– Грижата за ранливите категории на граѓани, вклучително и старите лица е високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика. Преку унапредување на правата и услугите кои произлегуваат од системот на социјална заштита обезбедуваме поголема грижа и задоволување на потребите на највозрасните граѓани во нашата држава. Оттука e и проширувањето на капацитетот на домот за стари лица Д-р Иван Влашки, кое што произлезе од потребата за опфат на дополнителен број на стари лица од овој регион, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Според швајцарската амбасадорка социјалната инклузија е една од темите која за жал често пати е запоставена и како што додаде е една од клучните вредности на Швајцарската конфедерација водејќи се од мотото „Никој да не биде изоставен“ кое е еден од одржливите развојни цели на Обединетите Нации.

– Овој проект претставува добар пример дека преку поддршка на старите лица , ние подржуваме создавање на „заедница која се грижи за сите“. Иако овој проект е мал чекор  во процесот на постигнување на социјална кохезија, сепак е добар пример за Владата и локалните власти за поддршка на идни проекти кои се од големо значење за подобрување на социјалните услуги за сите граѓани. Особено ме радува што овој проект е избран од страна на граѓаните, преку регионалните форуми. Граѓанското учество е клучен фактор во процесот на носење одлуки за функционална демократија и економски просперитет, рече амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада.

За градоначалникот на општината Звонко Пекевски, Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки” е единствена установа од ваков тип во источниот регион. 

– Задоволството е особено големо, кога крајните корисници имаат квалитетна и добра услуга, која се состои пред се од обезбедување на грижа, хигиена, храна и секако дневна медицинска помош која им се нуди секојдневно на корисниците на домот, Продолжуваме и понатаму да работиме и да ги усовршуваме услугите, во моментот се изработува проект за реконструкција на преостанатите 2 објекти , во кои е предвидено да биде изградена административна просторија и сопствена кујна, што во значителна мера ќе ги олесни услугите и ќе овозможи нови работни места, додаде градоначалникот. 

Унапредувањето на социјалната заштита во регионот, демографскиот диспаритет на ниво на Источниот плански регион се појдовна основа за спроведувањето на овој проект. Грижата за старите лица, како приоритет е влезен и во локалните развојни стратегии и во Програмата за развој на Источен плански регион 2021-2026. 

– Од оваа година овој процес на спроведување на регионални консултаци – форуми е и наша законска обврска, како алатка се влезени во новиот Закон за рамномерен регионален развој, како регионално тело имаме обврска да ги почитуваме насоките дадени од страна на  населението во Источниот плански регион, со единствена цел да дадеме придонес во подобрувањето на квалитетот на живот не само на старите лица туки и на целокупното население во Источниот плански регион, истакна претседателот на Источен плански регион и градоначалник на општина Штип, Сашко Николов. 

Директорката на домот за стари лица Марија Цикарски дополни дека старите лица се столбот на нашето општество, преку кое треба да им се обезбеди соодветна грижа и нега како и достоинствен живот. 
– Отворањето на третата ламела овде во домот, е од големо значење не само за Берово, туку и за целиот источен регион, со што се зголеми капацитетот за уште десет легла, а со тоа се намалува големата листа на чекање. За убавината, негата, грижата и топлината која што се чувствува во овој дом, можат да кажат корисници кои што веќе години наназад ги користат нашите услуги, порача таа. 

За Даница Бубевска е добро што во собите се сместени по две, имаат телевизор, засебно купатило, решо, може да се другарува, да се пие кафе, да се разговара. 

– Јас сум меѓу првите жителки во домот и сум пресреќна, од тука не би сакала да си одам, додаде Бубевска која на крај која беше поздравена со аплауз. 

Настанот се реализираше во присуство на заменик претседателот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски, градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, претседателот на Источен плански регион и градоначалник на општина Штип, Сашко Николов, раководителката на Центарот за развој на Источниот плански регион, Зујица Ангелова и директорка на домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“, Марија Цикарска.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*