Во Делчево се одржа првата работилница од иницијативата „Младите дома“

Во Делчево се одржа првата работилница од проектот „Младите дома“. Како што истакна импелементаторот на иницијативата Катерина Антовска, главните активности во рамки на проектот ќе бидат насочени во Делчево, а целта како што додаде е да се слушне мислењето на младите луѓе кои стојат исправени пред предизвикот дали да се задржат во родниот град или во потрагата по подобри животни предизвици ќе заминат во некој од поголемите градови или во странство.

-Темата е прашање кое со години се провлекува во помалите општини, а тоа е дека младите масовно си заминуваат од Делчево. Поради тоа јас како еден од тие луѓе кои си имаат заминато од Делчево, затоа што животните активности ми беа сконцентрирани во главниот град, сметав дека моја задача е да направам барем нешто малку за таа ситуација да се подобри. Од тие причини денеск ги повикав овие млади луѓе на возраст од 18 до 20 години, за да видиме што можеме да направиме, да ги слушнеме нивните мислења за идеите и активностите кои што можат да придонесат тие да се задржат дома, рече Антовска.

За социологот Весна Димитровска посебен предизивик е да се биде дел од проектот и да им се помогне на младите за нивната ориентација во иднина.

-Посебна гордост и задоволство ми е што проектот го раководи наша ученичка која го напуштила Делчево. Ова е еден вид компензација за се што се случува со младите кои се почесто го напуштаат градот кој иаонака знаеме дека се повеќе живее со старо население. Се надевам дека се овде што ќе биде спомнато, ќе наиде на слух за многу од институциите и политичките партии, сите идни случувања во градот да бидат насочени кон тоа, не само да ги задржиме младите, туку да биде причина и повод и многу кои веќе заминале да се вратат назад, рече Димитровска.

Делчевскиот социолог и професор изрази надеж дека претставниците на институциите, власта и приватниот сектор заеднички со здружени сили ќе успеат да ја задржат свежината на градот во поглед на задржување на младите, преку подобрена инфраструктура со големи можности за образование и творење.

-Поради тоа очекувам позитивни ефекти од овој проект со што Делчево ќе биде пример за други градови кои по однос на задржувањето на младите дома, се на исто рамниште со Делчево, додаде Димитровска.

Делчевката Кристина Петровиќ кој студира комјутерски науки и инженерство во Будимпешта смета дека задржувањето на младите дома е тежок процес за кој треба макотрпно да се вложува долги години, но сепак ја поздрави иницијативата која според неа може да даде поттик работите да се променат на подобро.

Иницијативата „Младите дома“ се реализира со поддршка од Швајцарската агенција за развој, а потпомогната е од ЕФЕС и Националниот младински совет.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*