Мартина Коколанска и Игорчо Петровски од Русиново избрани за 15 брачен пар на Пијанечко-малешевската свадба

Заврши изборот за брачниот пар кој ќе биде главен носител на манифестацијата Пијанечко-малешевската свадба, која годинава по 15-ти пат ќе се одржи во Делчево. Од седум пријaвени брачни парови за учество на реномираната манифестација, стручното жири при Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ одлучи довербата да им ја довери на Игорчо Петровски и Мартина Коколанска од беровското село Русиново, на кои по пауза од една година поради пандемијата им се оствари желбата својот брак да го крунисаат во духот на старите свадбарски обичаи.

-Конкурсот траеше 30 дена, имавме 7 пријавени брачни парови од кои оваа година ги избравме Мартина и Игорчо како 15 пар на јубилејната Пијанечко-малешевска свадба. Во рамки на манифестацијата ќе опфатиме некде околу 30 обичаи, кои од село во село и од маало во маало во Пијанечко-малешевскиот регион се различни. Како организатори, после ова затишје од корона вирусот ќе се потрудиме да се врати стариот сјај на манифестацијата, која долги години е бренд на овбој регион, рече организаторот Зенил Реџепов од КУД „Гоце Делчев“ Делчево.

За самите младоженци Мартина и Игорчо, предизвикот да се биде носител на активностите од реномираната манифестација е повеќе од предизвик, особено кога станува збор за организирање на свадба по некогашните свадбарски адети од Пијанец и Малеш.

-Ни кажаа за свадбата и решивме да се пријавиме и да организираме свадба по старите обичаи. За мене ќе ми биде гордост и чест да ја носам носијата што ја носеле моите баби и прабаби, истакна невестата Мартина Коколанска.

-Секако дека ќе биде предизвик да видиме како е да се биде младоженец на Пијанечко-малешевската свадба. Чест ни е што сме избрани за 15 пар на свадбата. Најважно ќе биде секако да ги имплементираме адетите на Малешевијата, истакна младоженецот Игорчо Петровски.

Манифестацијата Пијанечко-малешевска свадба годинава ќе биде сублимат од повеќе настани со главен акцент на Меѓународниот музички фолклорен фестивал „Делчево Фест“ кој годинава ќе се одржи по 45 пат. Поддржувачи на манифестацијата се општините Делчево, Берово и Пехчево со финансиска поддршка од Министерството за култура. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*