Работилница со бизнис секторот од Делчево како дел од проектот ,,Младите дома”

Во Делчево одржана втората работилница од проектот „Младите дома“. Целна група во рамки на настанот е бизнис секторот, со кој како што информираше имплементаторот Катерина Антовска беа опфатени можностите кои ги се нудат во насока на задржување на младите дома.

-На оваа работилница со бизнис секторот дискутиравме за нивните бизниси, што тие им нудат на младите луѓе, колку се тие перспективни како бизниси за младите во Делчево и колку се спремни да направат промени за да ги подобрат условите за работа во Делчево. Она што мене ме радува и што го слушнавме од претставниците на бизнис секторот е што тие се отворени за соработка и што сакаат да понудат повеќе можности за да се задржат младите дома, рече Антовска.

По оваа работилница, според планираното како што додаде Антовска ќе се спојат заедничките мислења на младите и бизнис секторот во насока на идни иницијативи кои би придонеле за подобрување на состојбата со иселувањето на младите.

-На следниот настан ќе ги споиме младите кои учествуваа на претходната работилница со претставниците на бизнис секторот, за да видиме што тие заеднички можат да придонесат и заеднички да направат, за младите да не се иселуваат. Значи целта е заеднички да ги споиме мислењаата на тие две целни групи и да видиме што како иницијатива ќе се роди од таа дискусија, додаде Антовска.

Професор Желенка Демирова како автор на работилницата, додаде дека Делчево има прекрасна младина, а возрасните се тие кои треба да делуваат како да ги задржат дома. 

Од направената анализа во рамки на проектот социологот Весна Димитровска истакна дека еуфоријата да се замине од државата е многу поголема, отколку објективните причини како што се висина на плата, должина на работно време, привилегии на работно место и стручно усовршување.

-Тоа е еден лош бран, замав кој кај младите провејува и мислам дека една од целите на овој проект ќе биде многу успешно, ако успееме да направиме една општа кампања за подигање на јавната свест, дури користејки ги претстојните избори. Тоа нема да значи дека политика е во прашање, туку на сите релевантни фактори посебно на политичките партии и на кандидатите да им се понуди на младите дека не е единственото решение да се замине од државата, рече Димитровска.

Како пример за кажаното Димитровска посочи пример со млад машински инженер кој со солидна плата од над 60 илјади денари ги користи сите привилегии на семеен живот и притоа има можности да основа и сопствен бизнис во родниот град.

-Значи таквите примери се клучни, со цел да видат младите дека и тука имаат можност за кариера. Делчево е на добра геостратегиска точка и со мало подобрување на инфраструктурата може да се користат сите привилегии на добар и квалитетен живот, додаде Димитровска.

Прогнозата од направената анализа како што додаде Димитровска е дека Делчево во 2050 година ќе биде град на празни куќи, огромни празни хациенди и натпросечна возраст на населението, што според неа е проблем од 1995 година, за кој досега не се успеа да се најде решение. За таквите прогнози да не се остварат, делчевскиот социолог додаде дека треба да се работи на создавање на голем број успешни приказни на поединци и позитивни искуства, кои ќе бидат поттик за младите да се задржат дома.

Видео прилог: https://www.facebook.com/268787666980316/posts/1106986736493734/

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*