Tридневен едукативно-рекреативен камп во оргнизација на Црвен крст Делчево

Во делчевското село Вирче во тек е тридневниот едукативно-рекреативен камп на тема „Одговор при катастрофи и пружање прва помош“. Кампот го организира Општинската организација на Црвен крст од Делчево чиј претставник Ивана Ангеловски, информираше дека на истиот учествуваат волонтери од повеќе општински организации на Црвен крст од источниот дел на државата.

-Кампот се одржува во училишниот двор во село Вирче, за што изразуваме благодарност на директорот на училиштето. Во рамки на кампот имаме учесници волонтери од општинските организации од Штип, Кочани, Радовиш и Делчево. На кампот присуствуваа обучувачи предавачи кои ги запознаа волонтерите со темата „Одговор при катастрофи и пружање прва помош“, рече Ангеловски.

Михаела Маџовска, лидер на Клубот на млади на Црвениот крст додаде дека кампот е од огромно значење за стекнување на нови знаења на волонтерите учесници.

-Овие три дена имавме повеќе теми, првиот ден беше темата за справување со катастрофи, вториот ден се обучувавме за прва помош, за планинарство и воедно укажување прва помош во планина, било да се работи за скршеница било за некоја друга повреда. За нас најважно е што стекнавме многу пријателства затоа што беа поканети деца од неколку општински организации, пријателства преку кои во иднина ќе можеме да си помагаме заедно, додаде Маџовска.

За волонтерите од останатите градови важноста од учеството на овој камп се гледа преку учењето голем број вештини за снаоѓање и пружање помош во природа.

-Јас сум Кире Глаев, доаѓам од Црвен крст Штип, прв пат учествувам на ваква активност и сум задоволен од организацијата и од тоа како тече целата агенда. Сите заедно другаруваме играме игри преку игрите учиме различни вештини, за како да се снајдеме при планинарењето, кои се надевам ќе ни послужат во секојдневието.

Како волонтер од М.Каменица учествувам на кампот по прв пат и сметам дека ова за мене е едно ново искуство бидејки преку игра и забава може да научиме, истакна волонтерот Рената Наумовска.

-Јас сум Анастасија Марковска, веќе 4 години сум дел од Општинската организација во Кочани, кампот е едукативен, има многу добра дружба заедно со сите деца и многу е забавно и едукативно.

Од Црвен крст Делчево упатија голема благодарност до сите спонзори кои помогнаа кампот да биде реализиран.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*