Делчевската гимназија подготвена за стартот на новата учебна година со физичко присуство на учениците

Средното општинско училиште „Методи Митевски – Брицо подготвено го дочекува  почетокот на новата учебна година и повторното враќање на учениците во училишните клупи. Директорот на училиштето Љупчо Прачкоски информираше дека во гимназијата се создадени сите услови за успешен почеток на новата учебна година според протоколите за заштита од Ковид-19.

-Како училиште подготвени сме според протоколите да ги примиме учениците за настава, која по пауза од година ипол ќе се одвива во училишните клупи. Од она што е предвидено, учениците ќе носат маски, ќе им се проверува температура пред да влезат во училиштето, заради што имаме обезбедено доволен број на мерачи на температура. Како дел од запазувањето на протоколите, за време на часовите учениците нема да менуваат училници, туку професорите ќе ги посетуваат. За избегнување на било каков застој имаме два влеза за да нема, така што подготовките за успешен старт на новата учебна година се успешно завршени, рече Прачкоски.

Годинава вкупниот број на ученици кои ќе посетуваат настава во гимназијата бележи зголемување, што според директорот Прачкоски е за поздрав, имајки го во предвид фактот дека низ годините наназад константно опаѓаше бројот на ученици во Средното образование.

-Оваа година имаме 417 ученика, за разлика од лани кога имавме 400 ученици. Во прва година од 138 ученици кои завршија основно образование во Делчево, средното образование во родниот град го продолжија 117 ученици. Од новозапишаните ученици најголем интерес има за гимназиско образование кое годинава е поделено во 4 паралелки, додаде Прачкоски.

Освен гимназиско образование годинава делчевската гимназија формираше и 2 стручни паралелки кои како дел од воспитно-образовниот процес се поделени на текстилна и прехранбена паралелка со по 16 ученици. Од гимназијата во Делечво апелираа до родителите и учениците да ги почитуваат новите мерки и да се придржуваат до нормативите за заштита од Ковид-19.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*