Во Берово реализирана акција за почиста животна средина

Во Берово реализирана акција за расчистување на обраснатите тревни површини во периферните делови од градот. Активностите како што информираа од Општината се реализираа на иницијатива на жителите од месноста Којова Ливада.

-Екипи од општината, комуналното претпријатие и граѓани од улица „Којова Ливада“ во Берово извршија косење, метење и перење на улицата. Акцијата со механизација ја поддржа и општина Берово, а крајниот резултат е чиста, средена и убава улица како непосредно место на живеење на граѓаните, истакнаа од Општината.

Поздравувајки ја иницијативата граѓаните додадоа дека редовната грижа за околината е од особено значење за зачувување на животната средина.

-Само заеднички, со позитивен пристап и конструктивност можеме да го унапредуваме својот град како знак на негување и унапредување на својата улица, своето место на живеење, својот град, истакнаа учесниците во акцијата.

Од Општината додадоа дека вакви и слични акции ќе бидат реализирани и во останатите периферни делови од градот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*