Во Делчево промовирана книгата ,,Мојот влог за Македонија” од проф. Д-р Трајан Гоцевски

Во Делчево промовирана книгата ,,Мојот влог за Македонија (1 дел)” од проф.Д-р. Трајан Гоцевски. првиот Министер за одбрана на независна Македонија.

На настанот кој се организира по повод 7 Септември Денот на ослободувањето на Делчево и 8 Септември – Денот на независноста присуствуваа Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски и Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој како промотор на делото на Гоцевски кажа дека професорот Гоцевски преземајки го товарот од позиција на непосреден актер како прв Министер за одбрана во книгата ги презентира сите релевантни состојби со нашето осамостојување и нашето понатамошно егзистирање.

-Авторот тоа го прави системски како што доликуца на еден научник кој е етаблиран особено во исклучителна битна, а тоа е безбедносната сфера на општеството и на државата. Тоа го прави ова дело исцрпно, студиозно низ богато претставена библиографска содржина што и тоа како ќе има своја корист во детектирањето на историскитр предизвици и одлуки важни за разбирање за сиот овој период на македонската самостојност, рече Спасовски.

Авторот на книгата проф.д-р Трајан Гоцевски пред присутните истакна дека поблиското и подалечното минато, иако за Македонците не било наклонето, но и покрај секаквите закани и понижувања, македонскиот народ почнувајки од Илинденците, Асномците и политичарите од поновата генерација, создаде своја независна држава која треба да ја чуваме и да и се поклонуваме и да не се заборави цената која е платена, за тоа што го имаме денеска.

-Од стратешките одлуки на македонското раководство по распадот на Југославија, смелите одлуки на новата генерација македонски политичари, денеска сме членка на ООН, како македонска држава со свој идентитет, традиција, јазик и култура. Тоа досега не беше така. По 28 години денеска втора година сме членка на НАТО со забетониран идентитет, интегритет, независност на државата рамноправни во целата Евро-Атлантска зона, рече Гоцевски.

Како целосна слика, која секој граѓанин треба да ја запамти како што додаде Гоцевски, денеска не само Северна Македонија, туку целата страдална Македонија е членка на НАТО, дополнувајки дека Македонија е пред вратите и на Европската Унија која целосно застанала зад државата.

Градоначалникот Горан Трајковски, во своето обраќање истакна дека денеска ја живееме оставштината од храброста и одлучноста и на борците од НОВ и на бескомпромисните лидери кои се вложија за оваа земја да чекори по евроатлатскиот пат извојувајќи ја со Референдум и мудра политика -независноста на македонската држава во 1991 на 8 Септември. 

-Многу од тогашните заложби денес, кога се одбележуваат 30 години од независноста, се реалност. Северна Македонија е членка на НАТО и живееме ново поглавје од демократскиот развој на нашата држава. Во едно такво општество, го градиме Делчево по европски терк. Тоа е мојата визија и борбата на мојата генерација истомисленици- европско Делчево со сите нишани, од инфраструктура, до квалитет на животот, рече Трајковски. 

По повод Денот на ослободување на Делчево и Денот на независноста, градоначалникот Трајковски додели посебни признанија на претседателот Стево Пендаровски и на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за нивната максимална ангажираност во борбата со огнената стихија во Пијанец и развојот на Делчево. Признанија добија и поранешниот премиер, Љупчо Ѓеоргиевски, проф.д-р Трајан Гоцевски, а постхумно признание за посебен придонес во развојот на Делчево доби и МилкаТакева-Григоријевиќ, истакнат политиколог од Делчево.

Во културно-уметничкиот дел од програмата настап имаа Пејачката грипа „Ѓурѓа“ и ФГ „Копачка“ од с. Драмче.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*