Младите од Делчево ,,Лице в лице со Претседателот”

Македонскиот претседател Стево Пендаровски во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“ денеска го посети Делчево.

Во рамки на средбата во градскиот парк на Делчево претседателот на Македонија, Пендаровски се сретна со најдобрите ученици од СОУ „Методи Митевски-Брицо” – најдобрите матуранти од училиштето и со првенци на генерацијата од основните училишта во општината, кои во неформален разговор ги претставија своите планови за натамошното образование, а тој им посака успех во идните ангажмани.

Пендаровски ја посети и фабриката АД „Фротирка Компани“, каде беше запознаен со производствените активности на компанијата, шест-децениската традиција во нивната работа, како и плановите за натамошна модернизација на производството. 

Според претседателот Пендаровски, радува фактот што компанијата, која е со 100% македонски капитал, 90% од своето производство го извезува на странските пазари.

Македонскиот претседател во рамки на посетата на Делчево беше почесен гостин на промоцијата на книгата „Мојот влог за Македонија“ 2 тома, од проф. д-р Трајан Гоцевски, настан организиран во рамки на одбележувањето на 7 Септември, Денот на ослободувањето на Делчево и 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.

Во рамки на чествувањето, на претседателот Пендаровски му беше врачено признание од општина Делчево за посебен придонес во борбата со огнената стихија во Пијанец и за развојот на државата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*