Пожарникарите добија општинско признание по повод ,,7 Септември – Денот на ослободувањето на Делчево”

Територијалната противпожарна единица од Делчево доби општинско признание за нивната активна вклученост во борбата со огнената стихија која на почетокот на месец август годинава го зафати Пијанечкиот регион. Освен пожарникарите во рамки на Свечената седница по повод Ослободувањето на Делчево и посебни благодарници добија и институциите и фирмите кои беа директно или индиректно вклучени во гаснењето на пожарите.

Овој значаен ден за Делчево е посветен токму на сите директни и индиректни учесници во борбата со огнената стихија незапаметена во историјата на Делчево која се закануваше да го уништи сето тоа што со години е создавано и со што се гордееме, порача во своето обраќање градоначалникот Горан Трајковски. Тој од говорницата упати јавна благодарност до сите кои се вложија во оваа криза. 

Во своето обраќање, градоначалникот Трајковски ги презентираше реализираните и актуелните проекти. 

-За овој период од неполни 4 години, во општината се изградија и реконструираа над 20 км локални патишта и улици. Одговоривме на приоритетите на граѓаните и од урбаниот и од руралниот дел. Ако ја сумираме вредноста на поголемите инфраструктурни проекти реализирани во Делчево се доаѓа до сума од над 200 милиони денари инвестирани во патна инфраструктура. Но, ќе потенцирам дека овој период изградивме околу 5 км атмосферска и водоводна инсталација и 6 км фекална канализација. За краток временски период ќе започне промена на дотраената водоводна инсталација и замена со полиетиленско црево во нас. Милково Брдо и нас.Трети реон, рече Трајковски.

Во рамки на Свечената седница претседателот на Советот, Драган Маневски изрази благодарност на сите советници, градоначалници и поранешни претседатели кои со својот личен ангажман, несебичен труд и залагање, дадоа значаен придонес во изградбата и развојот на Делчево. 

-Во изминатите 4 години одржавме 55. редовни работни седници и разгледавме околу 1200 точки на дневен ред. Донесени се 557 одлуки од кои 300 одлуки за вклопување на бесправно-изградени објекти во урбанистичко-планска документација на физички лица, одлуки за изработка на урбанистичко-проектна документација за проект за инфраструктура за изградба на водоснабдителен систем за с. Габрово и с. Ѕвегор. Усвоивме одлуки за приоритет на проекти за аплицирање до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, кои имаат за цел да дадат придонес кон подобрување на условите и кавлитетот на животот на нашите сограѓани, рече Маневски. 

Традиционално на Свечената седница беа доделени и наградите за најубаво уреден двор. Согласно со оценката на Комисијата награда за најубав двор добија Јован Здравсковски, Ванчо Стојмирски и Виолета Пецова од с. Ѕвегор, додека за колективно домување награда освоија станарите од колективната зграда бр. 2 на ул „Кеј на Брегалница“.

Свечената седница беше искористена и за доделување на наградите на првенците на генерацијата од трите образовани институции, како и на наградените матуранти.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*