На трибината ,,Најдоброто за нашата општина” промовирана кандидатурата на Звонко Пекевски, актуелен градоначалник на Берово

Пред огромен број на граѓани, денес во Берово се одржа промоција на актуелниот и кандидатот за градоначалник на Берово од редовите на СДСМ, Звонко Пекевски, кој влегува во изборната трка за втор градоначалнички мандат.

На промоцијата беше присутна и министерката за Труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која пред Беровчани ги пофали постигнатите резултати на сегашниот градоначалник Звонко Пекевски, истакнувајќи ја неговата напорна работа и залагањата заедно со Локалната самоуправа за поубаво Берово, кое се гледа од реализираните проекти кои повеќе од 95 отсто од неговата програма се реализирани.

-Денес сме овде со посебен повод, да го промовираме сегашниот и идниот градоначалник на Берово, Звонко Пекевски чии дела доволно зборуваат за него.Ова денес што го гледаме околу нас во градот, говори дека, повеќе од 95 отсто од програмата на Звонко Пекевски со Локалната самоуправа, успеа и ја реализираше. Со поддршка на централната власт, Берово го отворивме кон светот. Пристапните патишта кон Виница, Струмица, Делчево, кон граничниот премин Клепало, говорат колку на оваа власт е значајна секоја педа од државата. Од каде да почнам, дали од туристичката населба Беровско езеро каде се уредува водоводната мрежа,дали на влезните партии во градот каде што се наоѓа Домот за стари лица, со проширени две крила и зголемен капацитет со 39 легла за сместување на стари лица, што говори за грижата на Локалната самоуправа за најстарите лица кои што го градеа нашиот град. Читајќи го она што Звонко го направил, прочитав 20 реновирани и реконструирани улици во градот Берово и уште многу друго. Јас ќе говорам за Звонко Пекевски низ една друга призма.Кога доаѓате да работите работа од јавен интерес, затоа што ние сме луѓе што работат за интересот на граѓаните, како што е градоначалничката позиција, обраќајки се пред вашите граѓани ви треба прво да сте човек, меѓутоа човек во вистинска смисла на зборот. Човек кој има вистински интегритет, човек кој зад себе има прекрасно семејство, без чија поддршка не може да стигне ни до гимназијата, затоа што бара максимална посветеност, бара многу време, бара време без можности да се посвети на сопственото семејство, но да се посвети на своето големо семејство на граѓаните на целата општина.Звонко сето тоа го поседува.Ја имаше визијата пред 4 години како Берово ќе изгледа денес и ние сме сведоци дека тоа го остварил – истакна министерката Шахпаска.

Функцијата градоначалник бара многу труд, упорност, вложување, многу работа и носи многу одговорност истакна актуелниот и кандидат за градоначалник на Берово, Звонко Пекевски, осврнувајќи се на големиот број реализирани проекти во градот и околните села кои во претходните 4 годони се реализирани, како и идните проекти кои се започнати и кои во следнииот период ќе бидат завршени.

– Општина Берово стана отворена, развојно ориентирана, финансиски стабилна и транспарентна општина во служба на граѓаните. Посветеноста, упорноста и тимската работа заедно со советниците и општинската администрација, ги дадоа очекуваните резултати. На истекот на четиригодишниот мандат, кој ми го дадовте Вие, граѓаните на општина Берово, гордо стојам пред вас, со успешно реализирани голем број проекти, како што ветивме во 2017 година. Главниот предизвик што го обележа мојот четиригодишен мандат, беше справувањето со светската пандемија од Ковид-19, кога моравме  да ги ставиме сите ресурси, во заштита на здравјето, на сите наши граѓани и кога функциониравме во отежнати околности, но сепак непречено работевме на реализација на сите започнати проекти и аплициравме на нови. При крајот на четиригодишниот период, што го добив, да работам во служба на граѓаните, гордо стојам со сите сработени, реализирани капитални проекти, проекти од областа на комуналната инграструктура, енергетска ефикасност, животна средина, социјална и детска заштита, образование, противпожарна заштита и многу проекти кои го подобруваа животот на граѓаните во Берово и во населените места.Поддршката на спортските клубови и  на здруженијата на граѓани во општина Берово, е уште една потврда за ангажманот на локалната самоуправа , во развојот на спортот  и поддршката на секој кој сака да направи нешто за Берово, со кое ќе го унапреди општественото живеење. Изминатите 4 годинини реализирани се голем број капитални проекти, додаде Пекевски а особено е горд на следните:

  • Реализиран е проект од прекугранична соработка за изградба на заштитна ограда и пешачка патека на река Брегалница, кој понуди целосно осветлување и урбано уредување на градскиот кеј 
  • Изграден  е модерен покриен градски пазар
  • Во целосно запуштени и руинирани површини, грда слика за Берово, Изградена е  пешачка патека на река Брегалница, во чии рамки е изграден нов детски парк на ул.,,Партизанска”  и нов парково уреден простор кај Основниот суд во Берово, каде што жителите и туристите навраќаат, се рекреираат и уживаат
  • Со изградба на филтер станица, изградба на примарна и секундарна водоводна мрежа во Беровско Езеро се решава долгогодишниот проблем за чиста вода за пиење во оваа туристичка населба, која нуди нови можности за развој на туризмот
  • И едно од  најнаселените места беровско Двориште, конечно го решава долгогодишниот проблем со несоодветна инфраструктура, со изградбата на повеќе улици во селото од влезот до Чурилското маало
  • Исто така особено сум горд што во мојот мандат се реконструирани и изградени 2 ламели од домот за стари лица, партерно и хортикултурно се уредени дворните површини , доградени се помошни простории, при што установата стана пријатно место за престој на вкупно 39 корисници од регионот.
  • Еден од поголемите капитални проекти, е и изградбата на  локалниот пат Владимирово – Мачево
  • Детската градинка ,,23 Август” во Берово, за прв пат од своето основање до денес, е доградена со 4 нови занимални кои ќе допринесат за попријатен престој на најмалите и ќе го зголемат капацитеотот за згрижување на децата – додаде Пекевски.

Во понатамошното излагање Звонко Пекевски ги посочи и претстави низата на реализирани проекти во областа на патната инфраструктура каде се реконструирани повеќе од 20 улица во градот, 3 регионални патишта и 10 улици во населените места, како и проектите во областа на образованието, социјалната заштита, културата.

Инаку актуелниот градоначалник Звонко Пекевски, ќе се бори за втор мандат од редовите на СДСМ на престојните локални избори кои ќе се одржат на 17 Октомври годинава.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*