Времен режим на сообраќај поради реконструкција на неколку улици во Делчево

Поради градежни работи кои опфаќаат реконструкција на неколку улици во Делчево, во населбата Ново Делчево како што информираа од Општината воведен е времен режим на сообраќајот. Измената на режимот на сообраќајот ги опфаѓа улиците „Орце Николов“ и „Скопска“ каде во наредниот период ќе се реконструират улици во должина од 750 метри.

-Моментално во тек е изведувањето на градежните работи на улиците „Орце Николов“ и „Скопска“ поради што на овие сообраќајници ќе се применува времен режим на сообраќај. Градежните работи на улицата „Орце Николов“ ќе се изведуваат во фази при што ќе бидат затворени за сообраќај делници од улицата, но ќе биде дозволено движење по обиколни улици, за што е неопходно почитување на поставената сигнализација и опрема, информираа од Општината.

Реконструкцијата на овие улици како што додадоа од Општината е во рамките на „Проектот за поврзување локални патишта во РСМ”, кој Министерството за транспорт и врски го реализира со финансиска поддршка на Светска банка. 

-Во рамките на овој проект на Општина Делчево се доделени вкупно 781.714 евра, а во првата фаза ќе се изгради и реконструира патна инфратсруктура во Делчево во должина од 6,1 километар, изградба на локален пат Делчево-Тработивиште во должина од 5,3 километри, реконструкција на улица „Орце Николов“ во должина од 500 метри со изградба на тротоари, реконструкција на улица „Скопска“ во должина од 250 метри со изградба на тротоари, како и реконструкција на дел од улицата „Острец“ во должина од околу 50 метри со изградба на потпорен ѕид и тротоари, кој претставува црна точка во сообраќајот, додадоа од Општината.

Деновиве како што дополнија од Општината започна и изградбата на локалниот пат Делчево-Тработивиште, а се вршат подготовки наскоро да започнат и градежните работи за реконструкција на улица „Острец“ со изградба на потпорен ѕид.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*