Животот во с.Нов Истевник и околните маала по пожарот се враќа во нормала

Животот во делчевското село Нов Истевник и околните маала се враќа во нормала, по пожарите кои изминатиот месец започнаа од Пасјачко маало и зафатија повеќе села во Делчевскиот регион. Во пожарите целосно изгоре домот на Ѕвонко од Балабанско Мааало, чиј дом со помошта на хуманите организации, поединци и институции за неполн месец повторно беше изграден изникнувајки од пепелта. 

Соседoт Ѓорѓи Станоев истакна дека мајсторите кои биле ангажирани во градежните работи за изградба на новиот дом на Ѕвонко експресно си ја завршиле работата, а останува да се заврши уште внатрешниот дел на куќата по што Ѕвонко повторно ќе има сопствено живеалиште.

-Бргу се работеше, помалку од месец време им требаше на мајсторите кои и самиот Ѕвонко кажа дека се ангажирани од Хуманитарната организација „Св.Спас“. Ќерамидите се донесени од Виница, помош имаше и од општината. Има уште работа, струја и вода да се приклучи, вели соседот Ѓорѓи Станоев.

Во селото по пожарот е тивко, додава 86 годишниот жител на селото Нов Истевник. Повеќето од она што го имале жителите по нивите изгорело, а проблем на четиринаесетмината жители колку што останале во селото им е и водата за пиење.

-Сливите изгореа, ние тука погоре од ова место имаме една бавча со сливи, една бавча со јаболка, ореви кои констатно раѓаа, но тоа се изгоре. Исто така имаме проблем со водата, луѓето немаат вода, за пиење користат вода од кладенецот кој се наоѓа погоре над селото, додава чичко Ѓорѓи.

Останатите мештани додадоа дека и покрај се што се случи со пожарите, животот продолжува понатаму. Она што се случило велат тие да се заборави и никогаш да се повтори.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*