Ден без автомобили во Берово и М.Каменица

Со велосипедско дефиле низ градските улици во Берово и М.Каменица реализирани активности како дел од одбележувањето на Европската недела на мобилност.

Во Македонска Каменица настанот го организираше каменичката деветолетка ,,Св.Кирил и Методиј”.

Европската недела на мобилност и Светскиот ден без автомобили, 22 Септември се одбележа низ градските улици од централното подрачје во Македонска Каменица каде учениците возеа велосипеди. Во рамки на истиот покрај возењето на велосипеди од учениците од V и VI одделение, беа истакнати и транспаренти со пораки до возрасните за зголемено користење на велосипеди и останати еколошки превозни средства.

Учество на настанот зеде и каменичката градоначалничка Соња Стаменкова која додаде дека со ваквите активности сите заедно даваат свој придонес во заштитата на животната средина.

Меѓу пораките кои учениците ги упатија беа и транспарентите ,,За да бидеш здрав како дрен, вози велосипед секој ден”, ,,До здравје со велосипед” , до кои тие порачаа велосипедот секојдневно да се користи во замена за возењето автомобили кои ја загадуваат околината.

И во Берово младите Беровчани ,,на точак” се вклучија во одбележувањето на Светскиот ден без автомобили. По тој повод низ градските улици со своите велосипеди дефилираа ученици од деветолетката ,,Дедо Иљо Малешевски” и гимназијата ,,Ацо Русковски” кои беа организатори на настанот.

На настанот, на учениците возејки велосипеди им се придружија градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, директорот на ОСУ ,,Ацо Русковски”, Сашко Корчовски и претставници од општинската администрација.

Кампањата како што додадоа организаторите има за цел промоција на алтернативни форми на мобилност како што е пешачењето и велосипедизмот.

-Со овој настан упативме апел за миг да ги оставиме автомобилите, со што сите заедно ќе дадеме свој придонес во заштитата на животната средина во рамки на ,,Европска недела на мобилност”, додадоа организаторите.

Кампањата секоја година се спроведува од 16 до 22 септември.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*