Трајковски и Стојменовски го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори

Канидатите за градоначалник на Делчево, Горан Трајковски од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ и Николчо Стојменовски од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ утрово го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори.

За претседателот на Општинската изборна комисија Борче Иванов важно е потпишаното од двајцата кандидати да биде почитувано и на дело.

-Како претседател на Општинската изборна комисија очекувам сето она што е содржано во кодексот да биде имплементирано во пракса, односно да следи еден фер и демократски изборен процес во кој ќе победи подобрата опција, истакна Иванов.

Кандидатот на СДСМ и коалицијата Горан Трајковски кој е и актуелен градоначалник најави дека неговата кампања во целост ќе биде позитивна со презентирање на неговите идеи и визии за развојот на Делчево во наредните 4 години.

-Мојот став како одговорен политичар како став на политичката партија на која припаѓам е дека изборите се врв на една демократија и аналогно на тоа мора да обезбедиме процес во кој граѓаните врз основа на програмите, политиките кои ги спроведуваме, угледот достоинството на нас како кандидати за градоначалници, слободно ќе ја изразат својата волја и да одлучат на кој ќе ја дадат довербата да ја водат општината во наредните 4 години, рече Трајковски.

Целосно почитување на Кодексот најави и неговиот опонент од ВМРО ДПМНЕ, Николчо Стојменовски.

-Она што претходно го имав кажано преку социјалните мрежи го кажувам и сега. Јас целосно ќе се придржувам до овој кодекс, се надевам и другата страна. Ги поздравувам граѓаните и ги уверувам дека од моја страна, се ќе биде во најдобар ред и дека ќе ги ослободиме граѓаните да гласаат сами по сопствено убедување, без уцени и закани, кажа Стојменовски.

По потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори кандидатите за градоначалник на Делчево, реализираа заедничка кафе-средба на која поразговараа за предизвиците кои ги очекуваат по завршувањето на локалните избори. 

Видео од потпишувањето на Кодексто за фер и демократски избори:

https://www.facebook.com/watch/?ref=external&v=3151457668500672

Изјави на Претседателот на Општинската изборна комисија и кандидатите за градоначалници во продолжение:

https://www.facebook.com/delcevo365.mk/videos/666939507639249/

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*