Кандидатот за градоначалник од СДСМ Горан Трајковски ги претстави заложбите за развој на Делчево

Кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата Горан Трајковски ги претстави заложбите за развој на Делчево. Како што истакна во неговото обраќање Трајковски во рамки на кампањата ќе го посети секое семејство, за да го претстави Најдоброто за Делчево, преку програмата и неговата визија која според него ќе го продолжи патот на развој и во наредните 4 години.

-Да се работи за Делчево и за своите делчевци е чест и привилегија, но и голема обврска која те мотивира бескомпромисно да создаваш подобри услови за живот на своите сограѓани и не штедејќи се, да влегуваш во костец со проблемите и да ги решаваш. За Делчево и за моите сограѓани и сограѓанки, вложивме сѐ. Сите ресурси максимално ги ангажиравме за да кажеме: да, ние работиме, ние ја градиме нашата Општина која заслужува да биде европска урбана средина со задоволни граѓани, рече Трајковски.

Функцијата градоначалник како што додаде е одговорна, достоинствена и обврзувачка и со оваа функција не треба да се експериментира. 

-Само со сериозен и одговорен пристап, пристап кој бара пожртвуваност, моралност и етичност во сѐ што се работи за градот и за граѓаните и граѓанките, може да даде резултати и да се продолжи по патот за создавање на уште поуспешна и поубава приказна за Делчево, додаде кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата. 

Свое обраќање на почетокот на кампањата имаше и носителот на Советничката листа од СДСМ и коалицијата Гоце Попов кој потенцираше дека се работи за листа од докажани  професионалци во своите  професии, како и креативни и млади интелекти, совесни и чесни граѓани на  градот Делчево. 

-Како носител на листата на кандидати за  советници, ги нудам своите  знаења и вештини на граѓаните на  Делчево, преточени во проекти и  идеи за развој на градот, со  единствена цел, Делчево да го изградиме во модерен и современ културно-општествен центар кој со своите содржини ќе има моќ  да привлекува туристи и инвеститори,  но  најважно од сѐ,  делчевци да се гордеат со својот град, рече Попов. 

Изрази уверување дека Делчево и понатаму ќе биде центар кој има моќ да ги задржи младите и да им понуди многу можности,  содржини и услови за достоинствен живот.

Целото видео од обраќањето на Трајковски и Попов погледнете го со клик на фотографијата подолу:

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*