Тренчовски ја примопредаде функцијата на новиот градоначалник Александар Китански

Победникот на Локалните избори, Александар Китански денес и официјално ја презеде функцијата нов градоначалник на Пехчево од досегашниот носител на функцијата Драган Тренчовски. На свеченото примопредавање, Тренчовски го запозна новиот градоначалник со тековните активности на Општината посакувајки му многу успех во водењето на градот. 

-Китански го запознав со моменталната состојба на општината како и со тековните активности и идни проекти кои треба да отпочнат со имплементација. Наследив основен долг од 65 милиони денари, намален на 10 милиони денари и камати отпишани над 24 милиони денари, раздолжени се вкупно над 80 милиони денари или 1,3 милиони евра, со што е постигната финансиска стабилност на Буџетот на Општината. Нему и на сите новоизбрани членови во Советот на Општина Пехчево им посака многу успех и натпревар со идеи и предлози на проекти до нивна имплементација, во интерес на граѓаните на општина Пехчево, рече Тренчовски.

Китански во својата изјава потенцираше дека време за губење нема, најавувајки започнување на реализација на проектите, кои биле дел од неговата предизборна програма. 

-Свесен сум дека нема да биде лесно, свесен сум за предизвикот, но само со напорна работа, трудољубивост и сплотеност, ќе ги оствариме зацртаните цели, да го направиме Пехчево поубаво место за живеење за сите нас. Ја користам оваа прилика да упатам пораки до Собранието и Владата, бидејќи сите сме свесни дека за дел од проектите, треба финансиски да бидат поддржани од централната власт, рече Китански. 

На новите советници им порача дека е време за носење на разумни одлуки, кои ќе се гласаат едногласно, за доброто на Пехчево.

-Упатувам порака и до вработените во општинската администрација – јас ќе подадам рака, тоа го очекувам од вас. Граѓаните на Пехчево очекуваат повисок степен на извршување на обврските. И на крај, упатувам силна порака до ЈКП Комуналец – граѓаните на Општина Пехчево очекуваат, како никогаш до сега, почисто, позелено и поубаво Пехчево, додаде Китански напоменувајки дека примопредавањето на функцијата се реализирала на најдостоинствен начин.и посакува тоа да прерасне во традиција. 

Од проектите кои во моментот чекаат реализација во Пехчево е изградбата на три улици во село Црник, изградба на социјална зграда, реконструкција и рехабилитација на улици во Пехчево, како и проектот за изградба на спортски центар на Туристичката населба „Равна река“

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*