Во Делчево презентиран проектот ,,Нова шанса за нас”

Во Делчево презентиран проектот  „Нова шанса за нас“ поддржан од Европската Комисија преку Еразмус+ програмата. Како што информираше Ромина Абдулов, проектен менаџер од Невладината организација „КХАМ“ Делчево, целта на проектот е на лицата од ранливите категории кои не посетувале формално образование, да им се обезбеди совладување на базични компетенции и вештини, нивно полесно вклучување на пазарот на труд и оспособување за полесно интегрирање во општеството.

-Проектот се спроведува во соработка со партнерски организации и Универзитети од Хрватска, Словенија и Македонија. Овде би го истакнала и Универзитетот за доживотно учење „Ванчо Прке“ Штип, со кој сме во постојана комуникација во однос на селекција и следење на текот и развојот на учесниците и заедно ги спроведуваме активностите на национално ниво.

Проектот се развиваше во неколку фази, односно фаза на подготовка на програма за работилници за едукатори кои работат со Роми, изработка на прирачник кој ќе ја содржи програмата за социјална активација и изработување на програма за Социјална активација која ги содржи математичките, јазичните и дигиталните компетенции, рече Абдулов.

Со претходно направена анализа на терен преку локални соработници од Берово, Делчево, Виница, Кочани и Штип, како што додаде Абдулов селектирани се 30 лица, кои воопшто не умеат или имаат потешкотии со пишување, сметање и користење на дигитални алатки, со цел стекнување на потребните базични компетенции.

-Морам да истакнам дека најмногу лица кои имаат потреба од основно образование и стекнување на базични компетенции од таргетираните градови и села има во Кочани, Виница и Штип, од кадешто вклучивме и најмногу лица, а оние што не успеавме, ќе бараме начин како да ги вклучиме во некој иден период. По завршување на обуките ќе се направи проценка на стекнатото знаење, а учесниците ќе се здобијат со сертификати од Универзитетот за доживотно учење „Ванчо Прке“ Штип, додаде Абдулов.

Марио Замуда, директор на „Пучкото отворено училиште -Чаковец“ од Хрватска, очекува проектот да придонесе за подобрување на дигиталната писменост кај ромската заедница во трите држави.

-Ние сме носители на на проектот, училиштето од Чаковец го пријави овој проект заедно со партнерите од Словенија и Македонија. Проектот е за зголемување на дигиталната математичка писменоста на ромската заедница во сите три држави и зголемена мотивација на предавачите кои работат со ромската популација, но и на сите оние кои се откажале од образованието, да се вратат во образованието за возрасни, со што го поттикнуваме всушност и самиот образовен процес, рече Замуда.

За генералниот секретар на Здружението за развој на ромското малцинство од Словенија, Рок Петје, најважно е што преку овој проект ќе се добие една нова платформа за подобрување на образованието на Ромите во иднина. 

-Освен тоа преку овој проект за прв пат имаме соработка со партнери од Македонија, преку која се стекнавме со многу важно искуство и примери за добри практики кои ги разменуваме како учесници во проектот, рече Петје.

Во наредниот период, како што додадоа од Невладината организација „КХАМ“, во рамки на проектот кој официјално завршува во март 2022 година, ќе се работи на специфизирање на конкретните резултати од спроведениот проект преку давање препораки  за надминување на недостатоците во однос на постоечките програми и постоечкиот пристап.

Во продолжение изјавите и на останатите учесници во проектот: https://www.facebook.com/268787666980316/posts/1181439759048431/

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*